Јапонија лансира нова регионална енергетска иницијатива и најави финансиска поддршка од 10 милијарди долари за азиските земји, со цел ублажување на последиците од нарушеното снабдување и растот на цените на нафтата предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток.
Премиерката на Јапонија, Санае Такаичи, ја претстави новата рамка наречена „Партнерство за широка енергетска и ресурсна отпорност“ (POWERR Asia) за време на онлајн состанок со лидери од азиски држави и партнери на Заедницата за нулта емисија во Азија (AZEC), соопшти јапонското Министерство за надворешни работи.
Таа истакна дека азиските земји се меѓу најпогодените од нарушувањата во транспортот на енергенси и ресурси преку Ормускиот Теснец, нагласувајќи дека е неопходен координиран регионален одговор бидејќи последиците се чувствуваат низ поврзаните синџири на снабдување.
Во рамки на иницијативата, Јапонија ќе обезбеди околу 10 милијарди долари финансиска помош за набавка на итни количини сурова нафта и нафтени деривати, одржување на азиските синџири на снабдување, како и долгорочни мерки за зајакнување на енергетската отпорност во регионот.
Планот предвидува и воспоставување системи за складирање и ослободување резерви, изградба и користење резервоари за зголемување на деновите на нафтени резерви, обезбедување критични минерали, диверзификација на енергетските извори преку биогорива и модернизација на индустријата со мерки за енергетска ефикасност.
Од Токио посочија дека износот од 10 милијарди долари е еквивалентен на приближно една година увоз на сурова нафта за земјите од АСЕАН, доколку средствата се искористат за набавка на нафта и деривати.
Лидерите од Филипини, Малезија, Сингапур, Тајланд, Виетнам, Источен Тимор, Бангладеш и Јужна Кореја ја поздравиле иницијативата и потврдиле заедничка соработка за справување со актуелните предизвици.
Јапонската влада оцени дека мерките ќе придонесат за стабилноста на азиските земји, но и за зајакнување на сопствената безбедност во снабдувањето, вклучително и преку набавка на медицински производи од регионот.
Дополнително, POWERR Asia треба да ја засили и рамката AZEC, додавајќи економска и енергетска отпорност на постојните цели за енергетска безбедност, економски раст и декарбонизација.
Извор: Mofa.go.jp
