ОПЕК повторно ја намали прогнозата за растот на светската побарувачка на нафта во 2026 година

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) по вторпат по ред ја намали прогнозата за растот на глобалната побарувачка на нафта во 2026 година, предупредувајќи дека геополитичките тензии на Блискиот Исток продолжуваат да влијаат врз енергетските пазари.

Во својот најнов месечен извештај, објавен во четвртокот, ОПЕК соопшти дека светската побарувачка на нафта следната година ќе порасне за 970.000 барели дневно, што претставува намалување за дополнителни 200.000 барели во однос на претходната прогноза.

И покрај ревизијата надолу, картелот останува пооптимистичен од другите водечки енергетски институции, како што се американската Администрација за енергетски информации (EIA) и Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), кои очекуваат пад на побарувачката како последица на воениот конфликт со Иран и нарушувањата во снабдувањето.

РЕКЛАМА

Конфликтот доведе до фактичко затворање на Ормускиот Теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта, што значително го ограничи извозот од Блискиот Исток и предизвика нагло поскапување на горивата на глобалните пазари. Зголемените цени веќе ги чувствуваат и компаниите и потрошувачите ширум светот.

Сепак, ОПЕК оценува дека светската економија покажала отпорност во првата половина од 2026 година, и покрај продолжените геополитички ризици. Организацијата ги задржа непроменети прогнозите за економскиот раст и очекува побарувачката за нафта повторно да забрза во наредниот период.

Во таа насока, ОПЕК ја зголеми прогнозата за 2027 година, предвидувајќи раст на побарувачката од 1,73 милиони барели дневно, што е за 190.000 барели повеќе од претходната проценка.

Во меѓувреме, производството на нафта на групата ОПЕК+, која ги обединува членките на ОПЕК и сојузниците предводени од Русија, продолжува да опаѓа. Според податоците од извештајот, вкупното производство во мај изнесувало 33,13 милиони барели дневно, што е за 190.000 барели помалку во споредба со април.

Најголем пад е регистриран во Иран, чиј извоз значително се намалил поради американската блокада, покажуваат податоците за танкерскиот сообраќај. Дополнително, затворањето на Ормутскиот Теснец го отежнува спроведувањето на претходниот план на ОПЕК+ за постепено зголемување на производството од април годинава.

Развојот на настаните на Блискиот Исток и понатаму останува клучен фактор за движењата на светските нафтени пазари, додека инвеститорите внимателно ги следат сигналите за можни нарушувања во снабдувањето и нивното влијание врз глобалната економија.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил