Британската влада најави нов Закон за енергетска независност со кој трајно ќе се забрани издавање нови лиценци за истражување на нафта и гас во Северното Море, додека паралелно ќе се забрза транзицијата кон чиста енергија. Мерката беше претставена во рамки на говорот на кралот на 13 мај годинава, каде владата ги изложи своите законодавни приоритети за наредниот период.
Со новиот закон, Владата на Велика Британија ќе ја исполни претходно најавената обврска да не дозволува нови проекти за експлоатација на фосилни горива, вклучително и целосна забрана за фракинг. Во документот се наведува дека ќе бидат воведени и таканаречени „Транзициски енергетски сертификати“, механизам преку кој компаниите ќе можат да продолжат со производство на гас од подрачја што се граничат со веќе лиценцирани офшор полиња, со цел максимално искористување на постојните капацитети.
Покрај ограничувањата за нови истражувања, законот предвидува и побрза изградба на енергетска инфраструктура и електромрежа, прекин на издавање нови лиценци за јаглен, формирање агенција „Warm Homes“ за енергетска ефикасност на домовите, како и нови правила што ќе ги обврзат сопствениците на недвижности да инвестираат во енергетски подобрувања. Дополнително, регулаторот Ofgem ќе добие поголеми овластувања за заштита на потрошувачите.
Сепак, политичката нестабилност во владејачката Лабуристичка партија може да ги искомплицира плановите. Во изминатите денови четворица министри поднесоа оставки и побараа премиерот Кир Стармер да се повлече, отворајќи простор за можна лидерска трка. Според британските медиуми, евентуална промена на лидерството би можела да го одложи носењето на законот или дури да доведе до помек пристап кон експлоатацијата на нафта и гас во Северното Море.
Притисок врз владата доаѓа и од синдикатите и дел од енергетската индустрија. Синдикатот Unite побара Владата веднаш да даде зелено светло за проектите Rosebank и Jackdaw, предупредувајќи дека ограничувањата врз домашното производство на нафта и гас ги загрозуваат работните места и енергетската безбедност на земјата. Сличен став има и синдикатот GMB, чиј шкотски огранок оцени дека „пребрзото укинување на производството на нафта и гас може да предизвика сериозна криза со работните места“.
Како потенцијални наследници на Стармер се споменуваат поранешниот министер Вес Стритинг, кој важи за поборник на поекономски ориентиран пристап, како и Ангела Рејнер и градоначалникот на Манчестер, Енди Барнам, кои генерално ја поддржуваат забраната за нови истражувања во Северното Море.
Најавениот закон претставува еден од најамбициозните чекори на Велика Британија во насока на енергетска транзиција, но неговата конечна судбина ќе зависи и од политичките превирања во самата Лабуристичка партија, како и од притисокот на индустријата и синдикатите кои бараат заштита на работните места и домашното производство на енергенси.
Извор: Argusmedia.com
