Неподмирените сметки за електрична енергија во Грција достигнале речиси три милијарди евра, што претставува сериозен ризик за функционирањето на малопродажниот пазар и индиректно ги зголемува трошоците за потрошувачите кои редовно ги подмируваат своите обврски, предупредува грчкиот Регулаторен орган за отпад, енергија и води (RAAEY).
Според годишниот извештај на регулаторот, вкупните заостанати долгови на домаќинствата и компаниите кон снабдувачите со електрична енергија во 2025 година изнесувале околу 2,98 милијарди евра, што е за 22% помалку во однос на 3,4 милијарди евра една година претходно.
Најголем дел од долгот, околу 2,1 милијарда евра или 80% од вкупниот износ, го сочинуваат потрошувачите приклучени на нисконапонската мрежа, односно домаќинствата и малите компании. Корисниците на среден напон должат 683,8 милиони евра, додека обврските на потрошувачите приклучени на висок напон достигнуваат 214,3 милиони евра.
Само домаќинствата имаат неплатени сметки во износ од 710 милиони евра, додека најголемите долгови кај деловниот сектор ги имаат малите комерцијални и индустриски компании, со околу 819 милиони евра.
Од RAAEY оценуваат дека долговите, кои се приближуваат до три милијарди евра, ја покажуваат сериозноста на проблемот и неговото влијание врз финансиската одржливост на снабдувачите, управувањето со кредитниот ризик и стабилноста на малопродажниот пазар на електрична енергија.
Регулаторот посебно предупредува на феноменот на потрошувачи кои ги менуваат снабдувачите, а зад себе оставаат неплатени сметки. Според проценките, дури 1,53 милијарди евра, односно повеќе од половина од вкупниот долг, се поврзани токму со корисници кои преминале кај друг снабдувач, што значително ја отежнува наплатата.
RAAEY пресметува дека заостанатите долгови додаваат околу 5,93 евроценти по киловат-час на трошоците во системот, иако снабдувачите не се согласуваат со оваа методологија. Сепак, тие признаваат дека тешко наплатливите побарувања ги зголемуваат трошоците за целокупниот пазар.
Дополнителен предизвик претставува и системот на Универзалната услуга, каде што неплатените обврски достигнале 421,5 милиони евра, од кои речиси 313 милиони евра се однесуваат на потрошувачи кои во меѓувреме смениле снабдувач.

Извор: Ekathimerini.com
