Неколку земји од ЕУ би можеле да се соочат со проблеми во снабдувањето со гас

Дел од земјите членки на Европската унија би можеле да се соочат со сериозни предизвици во снабдувањето со природен гас, поради намалената глобална понуда на течен природен гас (ЛНГ) и зголемените геополитички ризици.

Иако Европската комисија уверува дека во моментов нема непосреден недостиг на гас, референтната европска цена на гасот TTF во последните денови бележи раст, што ја одразува загриженоста на пазарите за ограничената понуда.

Катарскиот министер за енергетика Саад алКааби предупреди дека војната на Блискиот Исток може сериозно да влијае врз светската економија и да доведе до повисоки сметки за енергија. Тој изјави дека дури и ако конфликтот заврши веднаш, на Катар ќе му бидат потребни „неколку недели до месеци“ за да ги нормализира испораките по нападите со ирански дронови врз извозниот комплекс за ЛНГ во Рас Лафан.

РЕКЛАМА

Во меѓувреме, нивото на складиран гас во Европската унија е околу 30%, според податоците на Gas Infrastructure Europe, што значи дека Унијата влегува во критичен период за повторно полнење на резервите пред следната зима.

Најранливи земји

Според податоците на бриселскиот тинк-тенк Bruegel, ЕУ во 2025 година увезла повеќе од 140 милијарди кубни метри ЛНГ. Најголем снабдувач биле Соединетите Американски Држави, со околу 58% од вкупниот увоз.

Најголеми увозници на ЛНГ во ЕУ се Франција, Шпанија, Италија, Холандија и Белгија. Меѓу нив, Италија и Белгија се сметаат за најизложени на ризик поради поголемата зависност од катарскиот гас.

Според аналитичката платформа Kpler, Катар минатата година обезбедил околу 30% од увозот на ЛНГ во Италија и околу 8% во Белгија. Полска, иако не е меѓу петте најголеми увозници, исто така има значајна зависност, околу 17% од увозот на гас во 2025 година доаѓал од Катар. Белгија дополнително е ранлива и поради ниското ниво на резерви, складиштата се исполнети само околу 25,5%, што е под просекот на ЕУ.

Земји со подобра позиција

Од друга страна, некои земји се во значително подобра позиција. Португалија се издвојува како пример, бидејќи од 2020 година речиси и да не увезува гас од Блискиот Исток. Нејзини главни снабдувачи се Нигерија и САД.

Покрај тоа, земјата има високо ниво на резерви, повеќе од 76%, што овозможува релативно лесно зголемување на увозот на американски ЛНГ доколку се појави потреба. Шпанија исто така има диверзифицирани извори на снабдување и резерви од околу 56%, што ја става во поповолна позиција.

Потреба од долгорочни решенија

Европската комисија најави дека е подготвена да активира мерки на солидарност доколку ситуацијата се влоши. Меѓу опциите се координирано намалување на потрошувачката, заеднички набавки на ЛНГ, привремени мерки за ограничување на цените и финансиска поддршка за најпогодените земји.

Експертите предупредуваат дека краткорочните мерки не го решаваат главниот проблем, зависноста од увоз на фосилни горива. Според нив, вистинската енергетска сигурност може да се постигне само преку поголемо користење на обновливи извори на енергија, подобра флексибилност на електроенергетските мрежи и намалување на зависноста од гас.

Извор: Euronews.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил