Земјите членки на НАТО одобрија инвестиција вредна 27 милијарди евра за модернизација на системот за складирање и транспорт на гориво, кој потекнува од периодот на Студената војна, соопшти Алијансата.
Според НАТО, средствата ќе бидат наменети за модернизација на постојната инфраструктура за складирање и дистрибуција на гориво, изградба на нови капацитети и цевководи во источниот и југоисточниот дел на Алијансата, со цел да се обезбеди сигурно снабдување на сојузничките сили во случај на воени операции.
Одлуката ја донеле амбасадорите на сите 32 земји членки на редовниот состанок во Брисел, откако Турција ја повлекла својата претходна резерва во врска со договорот. Според дипломатски извори, Анкара барала побрзо финансирање на сопствените инфраструктурни проекти, но на крајот дала согласност за усвојување на пакетот.
Покрај ова, земјите членки се договориле за зголемување на заедничкиот буџет на НАТО на најмногу 6,5 милијарди евра за следната година. За 2026 година, заедничкиот буџет на Алијансата изнесува 5,3 милијарди евра.
Проектот предвидува обнова и проширување на постојната мрежа од околу 10.000 километри нафтоводи, изградена за време на Студената војна, со цел таа да биде поврзана со поновите земји членки во источна и северна Европа.
Станува збор за најголемиот и најскапиот заеднички финансиран инфраструктурен проект во историјата на НАТО. Планот опфаќа десетици поединечни проекти, вклучително и реконструкција на цевководи, изградба на нови складишта за гориво и проширување на логистичката мрежа, а неговата реализација би можела да трае до 30 години.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претходно оцени дека проектот претставува „историски чекор“ што ќе ја зајакне способноста на Алијансата за логистичка поддршка и ќе придонесе за повисоко ниво на воена подготвеност.
Извор: Politico.eu
