Нафтата поевтини за повеќе од 6% по прекинот на нападите меѓу САД и Иран

Цените на нафтата паднаа за повеќе од 6% на почетокот на денешните тргувања, откако САД и Иран викендов ги прекинаа меѓусебните напади, поттикнувајќи надежи дека дипломатските напори би можеле да доведат до деескалација на конфликтот на Блискиот Исток и постепено нормализирање на поморскиот сообраќај низ Ормутскиот Теснец.

Цената на северноморската нафта брент се намали за 6,4%, односно за 6,20 долари, на 90,58 долари за барел, откако во текот на тргувањето накратко падна и под психолошката граница од 90 долари. Американската сурова нафта WTI поевтини за 6,5%, или 5,80 долари, на 83,51 долари за барел.

Со тоа двата реперни типа на нафта се спуштија на најниските нивоа во последната седмица, по тринеделниот раст предизвикан од ескалацијата на конфликтот меѓу САД и Иран.

РЕКЛАМА

Во изминатите недели цената на брентот накратко достигна и 100 долари за барел, откако судирите го нарушија транспортот на нафта низ Ормутскиот Теснец и се проширија кон Црвеното Море, попречувајќи го извозот на сурова нафта од Саудиска Арабија преку теснецот Баб ел-Мандеб кон азиските пазари.

Американскиот амбасадор во Обединетите нации, Мајк Волц, изјави дека претседателот Доналд Трамп одлучил привремено да ги запре американските напади за да остави повеќе простор за дипломатско решение.

Аналитичарите на ING оценуваат дека остриот пад на цените е директна реакција на првите конкретни сигнали за можна деескалација.

„Цените на нафтата остро паднаа на почетокот на тргувањето бидејќи САД и Иран се воздржаа од нови воени дејствија, што ги донесе првите конкретни знаци за можна деескалација на тензиите“, наведуваат аналитичарите на ING.

И покрај привременото смирување на конфликтот, поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец останува значително намален. Според податоците на Kpler, за време на викендот низ теснецот дневно поминувале помалку од десет товарни бродови, а аналитичарите предупредуваат дека враќањето на нормалниот транспорт ќе биде постепено бидејќи бродските компании сè уште се претпазливи.

Дополнителна неизвесност создава и состојбата во Црвеното Море, каде што јеменските Хути во неделата нападнаа саудиски нафтени постројки, што повторно го намали бродскиот сообраќај низ Баб ел-Мандеб.

Сепак, дел од аналитичарите предупредуваат дека ризиците за снабдувањето со нафта не се елиминирани. Доколку продолжат нарушувањата во поморскиот транспорт на Блискиот Исток или ескалира војната меѓу Русија и Украина, цените повторно би можеле да се искачат. Во текот на викендот Украина соопшти дека извела нови напади врз неколку руски нафтени постројки и рафинерии.

Пазарните учесници сега внимателно ги следат дипломатските напори меѓу Вашингтон и Техеран, оценувајќи дека токму развојот на настаните во Ормутскиот Теснец ќе биде клучен фактор за движењето на цените на нафтата во наредните денови.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил