Испораките на руски природен гас кон Европа преку гасоводот „Турски тек“ достигнаа рекордно ниво во првите пет месеци од 2026 година, покажуваат податоците на Европската мрежа на оператори на гасни транспортни системи, обработени од руската државна агенција РИА Новости.
Во периодот од јануари до мај годинава, преку европскиот крак на гасоводот биле испорачани околу 7,65 милијарди кубни метри гас, што претставува раст од 6,5% во споредба со истиот период од минатата година. Воедно, тоа е најголем обем на испораки за првите пет месеци од годината откако „Турски тек“ започна со работа во 2020 година.
Само во мај, извозот преку оваа рута пораснал за три проценти на годишно ниво и достигнал 1,47 милијарди кубни метри.
Испораките се реализираат преку мерната точка Странџа – Малкочлар на бугарско-турската граница, која претставува клучен влез за рускиот гас кон земјите од Јужна и Југоисточна Европа.
„Турски тек“ е гасовод кој ја поврзува Русија со Турција преку Црното Море. Едниот крак е наменет за турскиот пазар, додека вториот снабдува повеќе европски држави, меѓу кои Србија, Романија, Грција, Македонија, Босна и Херцеговина и Унгарија.
Вкупниот капацитет на гасоводот изнесува 31,5 милијарди кубни метри годишно. По прекинот на транзитот на руски гас преку Украина на 1 јануари 2025 година, „Турски тек“ остана единствената рута преку која „Гаспром“ испорачува гас до европските потрошувачи.
Во текот на 2025 година, испораките преку европскиот крак на „Турски тек“ надминаа 18 милијарди кубни метри, што исто така претставуваше рекордно ниво од пуштањето на гасоводот во употреба.
Извор: RIA.ru
