Мнозинството Европејци поддржуваат намалување на увозот на фосилни горива за поголема безбедност на Европа

Поголемиот дел од граѓаните во Европа сметаат дека намалувањето на зависноста од увоз на фосилни горива ќе придонесе за поголема безбедност и енергетска стабилност на континентот, покажуваат резултатите од новото истражување на јавното мислење спроведено од агенцијата YouGov за организациите E3G, Transport & Environment (T&E) и Electrification Alliance.

Истражувањето, спроведено во пет големи европски држави, покажува дека во просек 64% од испитаниците веруваат дека намалувањето на зависноста од увезени фосилни горива ќе ја направи Европа побезбедна.

Воедно, осум од десет анкетирани Европејци сметаат дека европските земји треба да соработуваат во справувањето со енергетските предизвици, а мнозинството оценува дека таквата соработка е уште поважна во актуелниот геополитички контекст и енергетската криза.

РЕКЛАМА

Силна поддршка постои и за инвестиции во електрификација и чиста енергија. Повеќе од половина од испитаниците поддржуваат државна финансиска помош за инсталирање топлински пумпи, и тоа 71% во Италија, 66% во Франција, 61% во Германија, 58% во Шпанија и 51% во Полска.

Поддршка има и за финансирање на електрични возила. Мнозинство граѓани во Шпанија, Германија, Италија и Франција поддржуваат европски субвенции за електрични автомобили, како и директна државна помош за домаќинствата при купување електрични возила.

Истражувањето покажува дека поддршката за мерките за електрификација не е ограничена само на левичарските гласачи. Напротив, гласачите од центар-десницата во Германија, Италија и Франција се меѓу најголемите поддржувачи на чистата енергетска транзиција.

Организациите кои стојат зад истражувањето оценуваат дека резултатите отвораат можност за создавање нов европски политички наратив заснован на енергетска независност, безбедност и економска стабилност.

Според нив, продолжувањето на зависноста од фосилни горива значи и продолжување на енергетската нестабилност, надворешната зависност и економската ранливост, што станува сè потешко одржлива позиција.

Во препораките до европските институции се бара забрзување на електрификацијата преку поголема поддршка за топлински пумпи, електрични возила и инфраструктура за полнење, активно намалување на зависноста од фосилни горива и продлабочување на европската енергетска соработка преку заеднички инфраструктурни и енергетски проекти.

Извор: Тransportenvironment.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил