Менло Парк. 04 Јуни 2025 – Американскиот технолошки гигант Мета потпиша 20-годишен договор со компанијата Constellation Energy за купување на приближно 1,1 гигават нуклеарна енергија од електраната Clinton Clean Energy Center во Илиноис. Соработката се очекува да започне во јуни 2027 година и претставува дел од сè поголемата тенденција на технолошките компании да склучуваат партнерства со нуклеарната индустрија во обид да ги задоволат растечките енергетски потреби на дата-центрите.
Договорот ја покрива целокупната енергетска продукција на единствениот реактор во електраната Clinton, а со тоа ќе се овозможи негово понатамошно работење и повторно лиценцирање. Без оваа долгорочна обврска од Мета, постоеше реална закана за затворање на објектот по истекот на субвенцијата за нула емисии, на која се потпира од 2017 година.
„Горди сме што сме партнери со Мета. Тие сфатија дека поддршката на постојните нуклеарни капацитети може да биде исто толку значајна како и инвестирањето во нови извори на енергија,“ изјави Џо Домингез, извршен директор на Constellation. „Понекогаш најважниот чекор напред е да престанеме да се враќаме назад.“
Иако произведената енергија нема директно да ги напојува дата-центрите на Мета, таа ќе оди во регионалната електрична мрежа и ќе придонесе за остварување на целта на компанијата – премин кон 100% чиста електрична енергија.
Во рамки на договорот ќе се прошири и капацитетот на електраната Clinton за дополнителни 30 мегавати, но деталите за финансиските услови на договорот не се објавени.
Ова е првиот официјален чекор на Мета во областа на нуклеарната енергија. Во декември минатата година, компанијата веќе објави повик за нови партнери во САД за развој на напредни нуклеарни реактори со капацитет од 1 до 4 гигавати – процес кој сè уште е во тек.
Извор: CNBC