Германскиот канцелар Фридрих Мерц најави дека „итно“ ќе го свика Советот за национална безбедност поради можен недостиг на авионско гориво, со кој би се соочила Германија, како резултат на тековниот конфликт на Блискиот Исток.
Говорејќи на отворањето на саем во Хановер во текот на вчерашниот ден, Мерц изјави дека приоритет на владата е граѓаните и компаниите да имаат сигурно снабдување со клучни енергенси како дизел, бензин и авионско гориво.
Според последните податоци, цените на авионското гориво во Европа се зголемиле повеќе од двојно откако САД и Израел ја започнаа воената операција против Иран на 28 февруари. Како одговор, Техеран го блокираше поголемиот дел од поморскиот сообраќај низ Ормускиот теснец, преку кој минува околу една петтина од светските нафтени текови.
Мерц оцени дека ситуацијата е „напната“, но нагласи дека Германија засега располага со доволни количини гориво. Сепак, предупреди дека владата е подготвена да реагира доколку состојбата се влоши, користејќи ги „сите расположливи инструменти“ за обезбедување на снабдувањето.
Советот за национална безбедност, составен од клучни министри и експерти, беше формиран минатата година со цел брза координација при големи закани. Неговото свикување укажува дека Берлин го смета ризикот од недостиг на авионско гориво за сериозен.
Министерката за економија Катарина Рајхе минатата недела претстави кризен план и денеска треба да одржи состанок со добавувачи на гориво, авиокомпании и аеродромски оператори.
За разлика од Германија, Брисел засега ги намалува стравувањата. Еврокомесарот за транспорт Апостолос Цицикостас изјави дека нема индикации за недостиг на авионско гориво, иако компании како КЛМ и Луфтханза веќе ги намалија летовите поради наглиот раст на цените.
Експертите предупредуваат дека и при нормализирање на пловидбата низ Ормускиот теснец, високите цени на горивото би можеле да се задржат со месеци.
Извор: Politico.eu
