Скопје. 28 април 2025 – Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини денес објави дека во првото тримесечје од 2025 година наплатата на надоместоците за експлоатација на минерални суровини во земјава достигна 247.491.155 денари, или околу 4 милиони евра. Ова е повеќе од двојно зголемување во споредба со истиот период во 2024 година, кога беа собрани 110.576.324 денари. Значајниот раст е резултат на засилените активности на Министерството за подобрување на контролата и наплатата од концесионерите. Во овој контекст, министерството информира дека во изминатиот период, биле спроведени низа мерки за зајакнување на наплатата, вклучувајќи:
- Испраќање писмени опомени до концесионерите со предупредување за раскин на концесијата при неподмирени обврски.
- Интензивирање на редовните и вонредните инспекциски контроли на терен.
- Едностран раскин на десетина договори со концесионери кои не ги исполниле законските обврски, со уште десетина постапки во тек.
- Воведување нов Тарифник за надоместоци, во сила од 1 јануари 2025 година.
Покрај ова, мининстертството информира дека со новиот Тарифник, висината на надоместоците за издавање дозволи и концесии за експлоатација на минерални суровини е зголемена до 100%, со цел да се обезбеди правична вредност за користење на природните ресурси. Клучните измени во Тарифникот вклучуваат:
- Зголемување на надоместокот за користење простор за експлоатација за околу 30%.
- Надоместок за експлоатација на мермер: 5% од приходот од продадената суровина, наместо фиктивна цена.
- Зголемување на надоместокот за метални суровини од 2% на 4%.
- Просечно зголемување од над 100% за неметалични суровини.
Енергетските минерали, како јагленот, се изземени од овие измени за да се избегне влијание врз цените на електричната енергија.
Министерството потсетува дека зголемените приходи директно ги зајакнуваат буџетите на општините каде работат концесионерите, како и државниот буџет. Средствата се насочуваат кон:
- Изградба и одржување на комунална инфраструктура.
- Проекти за одржлив развој и енергетска транзиција.
- Иницијативи за заштита на животната средина.
Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини