АД МЕПСО стана првиот оператор на електропреносен систем од земјите од Западен Балкан кој пристапи кон регионалниот координациски центар SELENE, информираат од компанијата.
Според МЕПСО, ова достигнување било истакнато на работилницата „SEE CCR TSOs Integration & Security Coordination Workshop“, која се одржала на 17 и 18 јуни во Солун, а на која учествувале оператори на преносни системи од Југоисточна Европа. Целта на настанот била унапредување на оперативната сигурност преку поголема регионална координација во управувањето со интерконектираната преносна мрежа.
Од компанијата наведуваат дека македонската делегација била предводена од генералниот директор Бурим Латифи, а на средбата биле разгледани прашања поврзани со интеграцијата на операторите во SELENE, техничкиот напредок и усогласувањето со европското законодавство.
На работилницата биле презентирани и резултатите од тестирањето на надградените методологии за сигурност за проширениот мрежен регион, при што учесниците ги анализирале клучните наоди и следните чекори за подобрување на заедничките процеси.
Од МЕПСО посочуваат дека во рамките на дискусиите бил истакнат и напредокот на компанијата во транспонирањето на европските регулативи, како и активностите поврзани со интерната реорганизација и дигиталната трансформација. Оттаму додаваат дека пристапувањето кон SELENE ќе овозможи користење напредни европски алатки за моделирање и анализа, што треба да придонесе за поефикасно оперативно планирање на преносната мрежа, подобра интеграција на обновливите извори на енергија и зголемена регионална координација.
Со пристапувањето кон регионалниот координациски центар, МЕПСО дополнително ја зацврстува својата позиција во европските енергетски процеси и ја продлабочува соработката со операторите на преносни системи во регионот, велат од компанијата.
Извор: МЕПСО
