На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје во текот на вчерашниот ден се одржа панел-дискусија посветена на ефектите од воведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглеродната граница – CBAM, кој започна да се применува од 1 јануари годинава. Настанот беше организиран од Здружението на енергетичари – ЗЕМАК и собра претставници од енергетскиот сектор, индустријата и институциите.
На панелот учествуваа претставници од МЕПСО, МЕМО, МАКСТИЛ, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Царинската управа, кои дискутираа за првичните искуства и предизвици од примената на европскиот механизам.
Ана Ангелова, експерт за пазарни операции во Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО, во својата презентација се осврна на влијанието на CBAM врз пазарот на електрична енергија во Македонија и регионот, како и на можните механизми за ублажување на неговите ефекти.
Според анализите на МЕМО, ефектите од новиот механизам веќе почнуваат да се чувствуваат на регионалните пазари. Споредбата на цените на пазарот „ден-однапред“ покажува дека во февруари 2025 година цената на македонскиот пазар била приближно на исто ниво со цените во Унгарија, Србија, Бугарија и Грција. Но една година подоцна се забележуваат значителни разлики.
„Во февруари 2026 година просечната цена на македонскиот пазар ден-однапред беше за 42,3 евра по мегават-час пониска од цената на унгарската берза HUPX. Воедно, цената кај нас е најниска во споредба со анализираните европски пазари, а движењето на цените најмногу наликува на пазарот во Србија“, истакна Ангелова.

Таа посочи дека ваквите ценовни разлики создаваат дополнителен притисок врз компаниите кои инвестираат во обновливи извори на енергија и укажуваат на потребата од координирани мерки за прилагодување на новите пазарни услови. Слични трендови, додаде таа, се забележуваат и во Србија и Црна Гора, додека Албанија е во нешто поповолна позиција поради силниот хидропотенцијал.
Еден од предизвиците е и ограничената можност за извоз на електрична енергија од обновливи извори кон земјите членки на Европската Унија. Според Ангелова, особено во пролетните месеци кога производството од сончеви електрани расте, а потрошувачката се намалува, дел од произведената енергија може да остане неискористена поради недоволни извозни капацитети и ограничени можности за складирање.
Иако CBAM е осмислен како инструмент за заштита на европската индустрија и поттикнување на декарбонизацијата, неговите индиректни ефекти веќе се чувствуваат и во самата Европска Унија, преку поголеми ценовни разлики меѓу пазарите, зголемени физички текови на електрична енергија и намалена прекугранична трговија со струја меѓу ЕУ и земјите надвор од Унијата.
Во меѓувреме, Европската Унија подготвува амандмани за олеснување на примената на механизмот, кои се очекува да бидат усвоени до крајот на годината со цел да се обезбеди полесна транзиција за земјите кои се усогласуваат со европското законодавство.
Како можни решенија, Ангелова ги посочи процесите на пазарно спојување со европските берзи, извозот преку долгорочни договори за купопродажба на електрична енергија (PPA) и поголемата употреба на гаранциите за потекло.
Во 2025 година МЕМО воспостави систем за гаранции за потекло усогласен со европските стандарди и стана асоцијативна членка на Асоцијацијата на издавачки тела (AIB), што претставува важен чекор кон признавање на македонските гаранции за потекло на европскиот пазар.
Дополнително, МЕМО најави дека во мај годинава ќе започне со работа и нов пазарен сегмент – пазар „во тековниот ден“ (Intraday Market), кој треба да овозможи поефикасно управување со производството и потрошувачката на електрична енергија и поголема флексибилност на пазарот.
Енергетика 24
