Државата Катар целосно го запира процесoт на втечнување на природен гас, а враќањето на редовното производство и извоз на течен природен гас (ЛНГ) нема да биде можно најмалку еден месец, пренесува агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на два извора запознаени со состојбата.
Државната енергетска компанија QatarEnergy веќе оваа недела го прекина производството и прогласи виша сила за извозот, по дронските напади врз капацитетите во Ras Laffan Industrial City, најголемиот центар за преработка и извоз на гас во земјата. Компанијата засега не одговори на барањата за коментар.
Според изворите, по целосното запирање на постројките во Рас Лафан, ќе бидат потребни најмалку две недели за повторно стартување на процесот на претворање на гасот во течна состојба. Дополнително, ќе поминат уште најмалку две недели за производството да достигне полн капацитет.
Прекинот доаѓа во време на засилени геополитички тензии на Блискиот Исток и закани за безбедноста на енергетската инфраструктура и транспортните рути, вклучително и Ормускиот Теснец, клучен премин за глобалната трговија со енергенси.
Инаку, во 2025 година, азиските пазари апсорбираа речиси 90% од катарскиот извоз на ЛНГ, при што Кина и Индија беа најголеми купувачи. Катар мината година стана водечки снабдувач на Кина со течен гас, додека Индија го зголеми увозот на годишно ниво. Меѓу значајните клиенти се и Тајван и Јужна Кореја, додека Европската Унија останува трет најголем пазар за катарскиот гас, по САД и Норвешка.
Катар има долгорочни договори за снабдување со големи азиски компании, меѓу кои кинеските Sinopec и CNPC, како и индиската Petronet LNG. Паралелно, QatarEnergy спроведува амбициозна експанзија на гасното поле North Field, со цел зголемување на годишниот производствен капацитет од 77 на 142 милиони тони до 2030 година.
Аналитичарите оценуваат дека подолгиот прекин на производството може дополнително да ја зголеми нестабилноста на глобалниот енергетски пазар и да изврши притисок врз цените, особено во Азија и Европа.
Извор: Ројтерс
