Јергин предупредува: Должината на кризата во Ормуз ќе одлучи дали светот влегува во „најлошо сценарио“

Цената на суровата нафта повторно порасна и се искачи над 70 долари за барел, во услови на сериозна загриженост дека тензиите со Иран може да предизвикаат подолготрајно нарушување на глобалното снабдување. Во фокусот на вниманието е Ормускиот Теснец, клучната артерија низ која поминува околу 20 проценти од светската нафта и течен природен гас.

Во интервју за CNBC, потпретседателот на S&P Global, Даниел Јергин, оцени дека ситуацијата е сериозна, но дека исходот ќе зависи пред сè од времетраењето на кризата.

„Танкерскиот сообраќај речиси запре. Иако нема формална правна забрана за транзит, реалниот проблем е безбедноста, сопствениците и операторите стравуваат од напади со дронови и други закани“, изјави Јергин. Според него, нафтата во моментов практично не излегува од Ормускиот Теснец, што претставува значаен удар врз глобалните енергетски текови.

РЕКЛАМА

Јергин нагласи дека ако блокадата трае кратко, неколку дена или една недела, пазарите би можеле релативно брзо да се прилагодат. „Постојат алтернативи. Има доволно нафта на пазарот, а дел од количините може да се пренасочат преку нафтоводи од Персискиот Залив кон Црвеното Море“, посочи тој.

Но, доколку кризата се пролонгира, предупредува Јергин, светот може да се соочи со сценарио од кое се стравува повеќе од половина век, долготрајна и длабока енергетска криза со сериозни последици врз глобалната економија.

Покрај танкерскиот сообраќај, Јергин укажа и на ризиците за енергетската инфраструктура во регионот. Саудиска Арабија веќе ја затвори својата најголема рафинерија поради безбедносни причини и страв од напади со дронови, што дополнително ја зголемува неизвесноста.

Според него, ескалацијата на нападите кон повеќе земји во регионот го менува карактерот на конфликтот. Дел од државите, вклучително и Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, покажуваат подготвеност за поактивно вклучување, што носи ризик од поширока регионална конфронтација.

Јергин смета дека Иран, и покрај реториката за намалување на зависноста од нафтата, останува силно зависен од извозните приходи. „И тие имаат што да изгубат“, имплицира тој, додавајќи дека секое подолго нарушување нема да влијае само врз цените на енергенсите, туку и врз финансиските пазари и целокупната светска економија.

„Сè ќе зависи од времетраењето“, заклучи Јергин, оставајќи отворено прашање дали пазарите ќе се стабилизираат или светот се движи кон нова голема енергетска криза.

Извор: CNBC

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил