Јапонија во август ќе претстави нов енергетски план со фокус на безбедноста на снабдувањето

Јапонската Влада во август ќе претстави нов пакет енергетски политики насочени кон зајакнување на енергетската безбедност, диверзификација на снабдувањето и забрзување на декарбонизацијата, по неодамнешните нарушувања во испораките на нафта преку Ормускиот Теснец предизвикани од конфликтот меѓу САД и Иран.

Премиерката Санае Такаичи му наложи на министерот за економија, трговија и индустрија Рјосеи Аказава до крајот на август да подготви предлог-мерки за подобрување на енергетската структура на земјата преку инвестиции во управување со кризи и проширување на изворите за снабдување со енергија.

Според јапонската Влада, намалувањето на светските цени на суровата нафта создава поволни услови за дополнително зајакнување на енергетската безбедност во соработка со земјите од Азија и Г7.

РЕКЛАМА

Иако деталите од новиот пакет сè уште не се објавени, се очекува тој да стави поголем акцент на безбедноста и диверзификацијата на снабдувањето со нафта, надоврзувајќи се на иницијативата „Power Asia“, чија цел е обезбедување постабилно снабдување со енергенси во азискиот регион, како и на стратегијата за зелена трансформација, која ги поврзува енергетската безбедност, економскиот раст и намалувањето на емисиите на јаглерод.

Новите мерки ќе го дополнат актуелниот Стратешки енергетски план, усвоен во февруари 2025 година, без да се чека неговата следна ревизија, која се очекува во текот на фискалната 2027/2028 година. Јапонија традиционално го ревидира овој документ на секои три години.

Според важечкиот план, до 2040 година обновливите извори треба да обезбедуваат меѓу 40% и 50% од производството на електрична енергија, во споредба со 22,9% во 2023 година. Истовремено, уделот на нуклеарната енергија треба да порасне од сегашните 8,5% на околу 20%, додека производството од термоелектрани треба да се намали од 68,6% на 30% до 40%.

За да ја задржи целта нуклеарната енергија да учествува со околу една петтина во производството на електрична енергија, Јапонија ќе мора постепено да ги замени реакторите што ќе бидат повлечени од употреба. Според владините проценки, до 2040-тите ќе биде потребна замена на нуклеарен капацитет од 2,2 до 5,5 гигавати, односно изградба на два до пет нови реактори, додека до 2050-тите ќе треба да бидат заменети вкупно 12,7 до 16 гигавати нуклеарни капацитети.

Извор: Argusmedia.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил