Во Италија во првите шест месеци од 2026 година во електроенергетскиот систем се приклучени нови 3.093 мегавати (3,1 гигавати) фотоволтаични капацитети, со што вкупната инсталирана моќност на соларните електрани достигна 46,6 гигавати, покажуваат податоците на здружението „Италија Соларе“, изработени врз основа на регистарот „Гауди“ на операторот на преносниот систем „Терна“.
Заклучно со 30 јуни, во земјата се регистрирани повеќе од 2,25 милиони фотоволтаични системи, а во првата половина од годината се приклучени 89.173 нови постројки.
Истовремено, капацитетот на батериските системи за складирање електрична енергија достигна 19.334 мегават-часови (19,3 гигават-часови), со вкупно 943.797 инсталирани системи. Во првите шест месеци од годинава се приклучени нови 1.350 мегават-часови капацитет, од кои 914 мегават-часови се поврзани со фотоволтаични системи, а 436 мегават-часови се самостојни батериски постројки.
Податоците покажуваат дека италијанскиот соларен пазар сè повеќе се потпира на средни и големи проекти. Во сегментот на комерцијални и индустриски електрани се приклучени 1.154 мегавати, што претставува раст од 22 проценти во споредба со истиот период лани. Исто толкав раст е забележан и кај големите соларни паркови со моќност над еден мегават, каде се приклучени 1.383 мегавати.
Од друга страна, интересот за домашни фотоволтаични системи продолжува да опаѓа. Во првата половина од годинава во резиденцијалниот сектор се инсталирани 556 мегавати, што е за 23 проценти помалку во однос на истиот период во 2025 година.
Претседателот на „Италија Соларе“, Паоло Роко Висконтини, оцени дека енергетската транзиција не може да се потпира само на големите проекти.
„Потребни се големи електрани за брзо зголемување на домашното производство на електрична енергија, но истовремено треба да се поттикне самопотрошувачката кај домаќинствата и компаниите преку поедноставување на процедурите и обезбедување стабилни услови за инвестирање“, изјави Висконтини.
Најголем пораст на новоинсталираните соларни капацитети во првата половина од годинава е регистриран во Ломбардија со 470 мегавати, веднаш пред Сицилија со 469 мегавати. Следуваат Венето со 306 мегавати, Емилија-Ромања со 305, Пиемонт со 286, Пуља со 218 и Лацио со 215 мегавати.
Кај системите за складирање електрична енергија, Ломбардија исто така е водечка со 122 мегават-часови нов капацитет, пред Емилија-Ромања со 109 мегават-часови, Сицилија со 103 и Венето со 97 мегават-часови.
Според „Италија Соларе“, иако самостојните батериски системи добиваат на значење, распределените батерии поврзани со фотоволтаични системи и натаму остануваат доминантен модел за складирање електрична енергија во Италија и имаат клучна улога во зголемувањето на самопотрошувачката и флексибилноста на електроенергетската мрежа.

Извор: ItaliaSolare.eu
