IENE ја претстави најновата студија за енергетската иднина на Југоисточна Европа

Атина. 6 февруари 2026 – Институтот за енергетика на Југоисточна Европа (IENE) во текот на вчерашниот ден на Атинската берза (ATHEX) официјално ја претстави својата најнова анализа „South East Europe Energy Outlook 2025/2026“, настан кој собра високи претставници на енергетските пазари, научната заедница и дипломатскиот кор.

Студијата обезбедува сеопфатен преглед на енергетските ресурси, инфраструктурата и пазарните движења во 16 земји од Југоисточна Европа, со посебен фокус на безбедноста на снабдувањето и инвестицките перспективи. Според проценките на IENE, потенцијалот за нови инвестиции во енергетски системи и инфраструктура во регионот се очекува да надмине 700 милијарди евра до 2035 година.

Претседателот и извршен директор на IENE, Костис Стамболис, истакна дека анализата регистрира значителен пораст на уделот на обновливите извори и нуклеарната енергија во електропроизводството. Сепак, нивната застапеност во вкупниот енергетски биланс останува ограничена поради структурната инерција на секторот. Тој нагласи дека, со исклучок на Турција, која учествува со околу 50% од регионалната потрошувачка и инвестиции, зависноста од фосилни горива бележи намалување, иако апсолутната потрошувачка на нафта продолжува да расте како резултат на економскиот раст и моторизацијата.

РЕКЛАМА

И покрај напредокот во диверзификацијата, земјите од Југоисточна Европа и натаму остануваат високо зависни од увоз на нафта и природен гас, оцени Стамболис. Паралелно, континуираниот раст на обновливите извори во последната деценија, според студијата, ја нагласува итната потреба од зајакнување на електроенергетските мрежи, капацитетите за складирање и прекуграничната поврзаност.

Во рамки на настанот, коавторите на студијата ги презентираа клучните наоди од областа на енергетската безбедност, транзицијата кон нискојаглеродна економија, енергетската ефикасност и функционирањето на регионалните пазари.

Инаку, „South East Europe Energy Outlook 2025/2026“ е изработена со финансиска поддршка на 20 компании активни во енергетскиот сектор во регионот, што дополнително ја потврдува нејзината релевантност како референтен документ за креаторите на политики и инвеститорите.

Извор: Iene.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил