Глобалната побарувачка за природен гас годинава ќе се намали за 0,5%, што ќе биде трет годишен пад во последните седум години. Причина за тоа се ограничената понуда, повисоките цени и последиците од конфликтот на Блискиот Исток, кои продолжуваат да влијаат врз светскиот пазар на гас, се наведува во најновиот квартален Gas Market Report на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
Според извештајот, намалувањето на побарувачката најмногу ќе се почувствува во секторите за производство на електрична енергија и индустријата, каде високите цени ги принудуваат потрошувачите да ја ограничат употребата на природен гас или да преминат на алтернативни горива.
Првичните податоци покажуваат дека потрошувачката на природен гас веќе се намалила во првата половина од 2026 година. Најголем пад е забележан на Блискиот Исток, каде што конфликтот доведе до ограничена понуда и оштетувања во индустриите кои интензивно користат природен гас. Побарувачката ослабна и во Азија, каде високите цени и владините политики поттикнаа премин кон други извори на енергија, особено јаглен во производството на електрична енергија.
Проблемите во Ормускиот Теснец сè уште влијаат врз пазарот
ИЕА оценува дека војната на Блискиот Исток значително го нарушила глобалниот пазар на течен природен гас (ЛНГ). Ормускиот Теснец, преку кој пред конфликтот минуваше околу 20% од светската трговија со ЛНГ, и понатаму функционира со намален интензитет.
Иако по привремениот договор меѓу САД и Иран во јуни бројот на ЛНГ-танкери што повторно го користат теснецот постепено расте, сообраќајот останува значително под нивото пред избувнувањето на конфликтот, а неизвесноста околу целосното нормализирање на пловидбата останува висока.
Цените на природниот гас во Европа и Азија се намалија во однос на рекордните нивоа достигнати во март, но и натаму се значително повисоки отколку во текот на 2025 година.
Производството на ЛНГод Катар и ОАЕ нагло опадна
Во извештајот се наведува дека производството на течен природен гас од Катар и Обединетите Арапски Емирати се намалило за речиси 80% во периодот од март до јуни во споредба со истиот период лани.
Сепак, ИЕА очекува вкупната глобална понуда на ЛНГ во текот на 2026 година да остане приближно на нивото од минатата година, бидејќи новите производствени капацитети во Северна Америка, Африка и Австралија постепено ќе го надоместат недостигот од Блискиот Исток.
Агенцијата предупредува дека доколку целосното отворање на Ормускиот Теснец се одложи и по почетокот на четвртиот квартал, светот би можел да се соочи со првиот годишен пад на глобалната понуда на ЛНГ од 2012 година.
Последиците ќе се чувствуваат и во наредните години
Според ИЕА, ефектите од конфликтот нема да завршат во текот на оваа година. Пред избувнувањето на војната, глобалниот пазар постепено се стабилизираше благодарение на пуштањето во работа на нови ЛНГ-терминали.
Меѓутоа, оштетувањата на гасната инфраструктура, особено на комплексот Рас Лафан во Катар, најголемиот светски капацитет за втечнување природен гас, ќе ја одложат планираната експанзија на катарското производство.
Поради тоа, IEA прогнозира дека глобалниот пазар на природен гас ќе остане значително потесен од претходните очекувања и во 2026 и 2027 година, што ќе продолжи да создава притисок врз цените.
Последици и за прехранбената индустрија
Извештајот предупредува дека нарушувањата на пазарот на природен гас веќе се прелеваат и во други индустрии. Особено погодено е производството на минерални ѓубрива, каде природниот гас претставува основна суровина.
Поради тоа, постои ризик од дополнителни нарушувања во глобалните синџири на снабдување со храна, особено во најранливите земји, што ја нагласува потребата од зајакнување на глобалната енергетска безбедност и диверзификација на изворите на снабдување со природен гас.

Извор: IEA.org
