И покрај поевтинувањето, Грција останува петта најскапа земја во ЕУ за безоловен бензин

И покрај постепеното намалување на цените на горивата во последните недели, Грција и натаму е петтата најскапа земја во Европската Унија по цена на безоловниот бензин од 95 октани, покажуваат најновите податоци на Европската комисија.

Просечната цена на безоловниот бензин во земјата изнесува 1,932 евра за литар, што е за 17,1 евроценти над просекот на ЕУ и за 11,4 евроценти над просекот во еврозоната. Повисоки цени се регистрирани само во Данска, Холандија, Финска и Франција.

Истовремено, цената на дизелот во Грција останува под европскиот просек. Просечната цена изнесува 1,641 евро за литар, во споредба со 1,730 евра во Европската Унија и 1,775 евра во еврозоната, со што земјата е деветта најевтина меѓу 27-те земји членки.

РЕКЛАМА

Според податоците на грчкото Министерство за развој од 25 јуни, просечната цена на безоловниот бензин на национално ниво се намалила на 1,923 евра за литар, во споредба со 2,016 евра на почетокот на месецот. Во истиот период, дизелот поевтинил од 1,743 на 1,615 евра за литар.

И покрај намалувањето, цените значително се разликуваат по региони. Најскап бензинот е на Кикладите, каде просечната цена достигнува 2,125 евра за литар, додека на Додеканезите изнесува 2,030 евра. Во регионот Атика, просечната цена е 1,895 евра за литар, а дизелот се продава по 1,582 евра.

Од 30 јуни истече важноста на мерката за ограничување на трговските маржи на пазарот на горива, а грчката Влада најави дека таа нема да биде продолжена. Министерот за развој Такис Теодорикакос неодамна изјави дека меѓународните цени на нафтата речиси се вратиле на нивото пред почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, што придонесува за постепено намалување на цените на домашниот пазар.

Претставници на пазарот очекуваат трендот на поевтинување да продолжи и во наредниот период, но предупредуваат дека зголемената побарувачка во текот на туристичката сезона го забавува пренесувањето на пониските цени на суровата нафта врз малопродажните цени на бензинските пумпи.

Извор:iEnergia.gr

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил