Грција го блокира 21. пакет санкции на ЕУ против Русија поради превозот на ЛНГ

Грција го блокираше усвојувањето на 21. пакет санкции на Европската Унија против Русија, поради противење на предложената забрана за транспорт на руски течен природен гас (ЛНГ) кон трети земји, пренесува весникот Фајненшл Тајмс.

Поради недостиг на едногласна поддршка од сите 27 земји-членки, Европската Унија привремено го продолжи важењето на постојниот ценовен лимит од 44,10 долари за барел за руската сурова нафта до 23 јули.

Новиот пакет санкции предвидува мерки против руски банки, криптовалутни мрежи, производители на беспилотни летала и енергетскиот сектор, но најголем спор предизвика предлогот за забрана на транспортот на руски ЛНГ со европски бродови до пазари надвор од ЕУ.

РЕКЛАМА

Џорџ Прокопиу

Според информациите, Атина стравува дека мерката сериозно би ја погодила грчката компанија „Dynagas“, во сопственост на бродовладетелот Џорџ Прокопиу, која располага со специјализирани танкери од класата Arc7 за транспорт на течен природен гас од рускиот проект „Јамал“ на Арктикот. Овие бродови се наменети за пловидба во ледени услови и тешко можат да се пренаменат за други ЛНГ рути.

Грција, како една од водечките поморски сили во светот, и претходно се залагаше санкциите против Русија да не создаваат непропорционални последици за европските бродски компании.

Преговорите меѓу земјите-членки продолжуваат, а исходот ќе зависи од тоа дали Грција ќе добие дополнителни гаранции или можни исклучоци за својата бродска флота.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил