Германската влада усвои предлог-измени на законската рамка за енергетска ефикасност, со кои се предвидува олеснување на дел од обврските за компаниите, вклучително и за дата-центрите. Мерката ја поздрави деловната заедница, додека еколошките организации предупредуваат дека станува збор за чекор назад во спроведувањето на климатските политики.
Со предложените измени се укинува обврската компаниите да ја користат отпадната топлина што се создава во производните процеси, а новите дата-центри ќе добијат дополнително време за усогласување со стандардите за енергетска ефикасност.
Воедно, рокот до кој операторите на дата-центри треба целосно да обезбедуваат електрична енергија од обновливи извори се пролонгира за три години, односно до 1 јануари 2030 година.
Од Министерството за економија соопштија дека измените имаат цел да ги намалат административните оптоварувања за бизнисите, без да се доведе во прашање исполнувањето на националните и европските цели за енергетска ефикасност.
Германската стопанска комора (DIHK) оцени дека измените претставуваат значително олеснување за компаниите, но смета дека и натаму остануваат бројни регулативи кои ја намалуваат конкурентноста на економијата.
Наспроти тоа, организациите што се залагаат за одржлив развој предупредуваат дека олабавувањето на правилата може да ја забави енергетската транзиција на земјата. Според нив, енергетската ефикасност останува еден од најважните инструменти за намалување на зависноста од увозна енергија и зајакнување на енергетската сигурност.
Германија досега бележи подобри резултати во развојот на обновливите извори отколку во намалувањето на вкупната потрошувачка на енергија. Поради тоа, енергетската ефикасност и натаму се смета за клучен елемент во напорите земјата да ја оствари целта за климатска неутралност до 2045 година.
Извор: Cleanenergywire.com
