Германија воведе нова програма за субвенционирање електрични автомобили, насочена кон домаќинствата со пониски приходи, со цел да ја забрза транзицијата кон почист транспорт и да ја поттикне автомобилската индустрија. Според германското Министерство за животна средина, граѓаните ќе можат да добијат до 6.000 евра поддршка при купување или лизинг на ново електрично возило.
Програмата опфаќа новорегистрирани целосно електрични автомобили, модели со продолжен домет, како и одредени plug-in хибриди. Висината на субвенцијата ќе зависи од типот на возилото, приходите на домаќинството и бројот на членови во семејството.
Германската влада за оваа мерка издвои 3 милијарди евра, а се очекува преку програмата до 2029 година да бидат поддржани околу 800.000 возила.
Федералниот министер за животна средина Карстен Шнајдер изјави дека програмата ќе донесе придобивки и за животната средина, и за автомобилската индустрија, но и за граѓаните кои досега не можеле да си дозволат електричен автомобил.
„Електромобилноста е можност да станеме независни од скапите дизел и бензински горива, особено во време на глобална фосилна криза поврзана со војната во Иран“, порача Шнајдер.
Транспортниот сектор останува еден од најголемите загадувачи во Германија и во 2025 година учествувал со 22,5% во вкупните емисии на стакленички гасови. И покрај подобрената ефикасност на возилата, емисиите речиси и не се намалиле од 1990 година наваму, главно поради зголемениот сообраќај и растечката популарност на поголеми и потешки автомобили.
По укинувањето на претходната програма за субвенции во 2023 година, продажбата на електрични возила значително опадна. Во 2025 година, само секој седми новопродаден автомобил во Германија бил целосно електричен, што ја доведе во прашање амбицијата на владата до 2030 година на германските патишта да има 15 милиони електрични возила.
Новата програма важи ретроактивно од јануари 2026 година, а според Министерството, токму тоа придонело за рекорден раст на регистрациите – меѓу јануари и април секое четврто новорегистрирано возило било целосно електрично.
Сепак, дел од експертите предупредуваат дека производителите би можеле да искористат дел од субвенциите за зголемување на цените, додека критики има и за вклучувањето на plug-in хибридите, поради нивната поголема потрошувачка на гориво кога батеријата ќе се испразни.
Германската автомобилска асоцијација VDA ја поздрави мерката, но истакна дека покрај субвенциите, клучни остануваат и развојот на инфраструктурата за полнење, како и поевтината електрична енергија.
Извор: CleanEnergyWire.com
