Берлин/Париз. 19 мај 2025 (Ројтерс) – Германската влада испрати сигнал до Франција дека повеќе нема да се противи на изедначувањето на нуклеарната енергија со обновливите извори во рамките на законодавството на Европската Унија, потврди денеска француски владин претставник, поткрепувајќи го претходно објавениот извештај на Financial Times.
Двете водечки економии на Унијата со години се во судир околу улогата на атомската енергија во исполнувањето на климатските цели, што го забави носењето на клучни одлуки поврзани со борбата против климатските промени во ЕУ.
Франција, која приближно 70% од електричната енергија ја добива од нуклеарни централи, е најголемиот застапник на оваа технологија во Европа. Германија, пак, која веќе целосно ги затвори своите нуклеарни електрани, досега ја третираше атомската енергија како нискојаглеродна, но не и како обновлива.
Сепак, новиот германски канцелар, Фридрих Мерц, кој јавно ја оцени одлуката за напуштање на нуклеарната енергија како „грешка“, вети обновување на односите со Франција. Француски официјален извор потврди дека Германија го менува својот долгогодишен став, што е прв конкретен показател за зближување меѓу двете земји.
Како доказ за новата насока, се посочува заедничката колумна на Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон, објавена во весникот Le Figaro овој месец. Во неа, двајцата лидери најавуваат ново усогласување на енергетските политики на своите земји, засновано на климатска неутралност, конкурентност и енергетски суверенитет.
„Тоа подразбира примена на принципот на технолошка неутралност и еднаков третман на сите нискојаглеродни извори на енергија во рамките на Европската Унија“, стои во колумната.
Во меѓувреме, нуклеарната енергија повторно добива поддршка низ Европа. Белгија неодамна донесе закон со кој се запира планираното напуштање на атомската енергија, а Шведска и неколку земји од Централна Европа најавуваат изградба на нови нуклеарни реактори.
И покрај тоа што Германија ги исклучи своите последни три нуклеарни централи во април 2023 година, во согласност со политиката иницирана по несреќата во Фукушима во 2011 година, енергетската криза од 2022 година ја заостри дебатата со Франција околу улогата на нуклеарната енергија во „зелената транзиција“ на ЕУ.
Сепак, новото германско-француско усогласување околу третманот на нуклеарната енергија како дел од патот кон нето-нулта емисии ветува деблокирање на долготрајно закочените преговори за европската енергетска политика, велат официјални претставници и аналитичари.
Иако Австрија останува цврст противник на изедначување на атомската енергија со обновливите извори, сè повеќе земји во ЕУ повторно размислуваат за нуклеарна опција, меѓу нив и Данска и Италија, кои разгледуваат воведување на мали модуларни реактори (SMRs) како дополнување на производството од обновливи извори.
Извор: Ројтерс