ФТ: Грчките бродари заработиле најмалку 3,8 милијарди долари од превоз на руска нафта во последните три години

Грчките бродски компании оствариле најмалку 3,8 милијарди долари приходи од транспорт на руска сурова нафта во изминатите три години, и покрај западните санкции насочени кон ограничување на приходите на Москва од извозот на енергенси, објави весникот „Фајненшл тајмс“.

Според анализата на британскиот весник, најголем приход остварила компанијата Dynacom Tankers, основана од грчкиот бродски магнат Јоргос Прокопиу, која од јули 2023 година инкасирала најмалку 915 милиони долари од превоз на руска сурова нафта. Тоа претставува речиси една четвртина од вкупните приходи што грчките бродски компании ги оствариле од овој бизнис.

На второ место е Olympic Shipping and Management, дел од групацијата „Онасис“, со приходи од најмалку 404 милиони долари, додека компаниите Stealth Maritime и Polembros Shipping заработиле повеќе од 200 милиони долари секоја.

РЕКЛАМА

Анализата на „Фајненшл тајмс“ се базира на проценети транспортни тарифи за главните руски извозни рути, податоци од агенцијата Argus Media, информации за управување со бродови од Меѓународната поморска организација и податоци за движењето на танкерите од компанијата Kpler.

Пресметките опфаќаат транспорт на околу 389 милиони барели руска сурова нафта. Дополнителни 153 милиони барели не се вклучени во анализата поради недостиг на податоци за цените на превозот.

Според весникот, осум од дваесетте компании кои оствариле најголеми приходи од транспорт на руска нафта од средината на 2023 година се грчки. На листата доминираат и руски државни бродски компании, како Sovcomflot и Rosnefteflot, како и нивни поврзани компании.

Улогата на грчките бродари во транспортот на руска нафта претходно предизвика тензии меѓу Атина и Киев. Во 2023 година неколку грчки компании, меѓу кои и Dynacom Tankers, беа ставени на украинската листа на „меѓународни спонзори на војната“, но подоцна беа отстранети по интервенција на грчката Влада.

И покрај санкциите, на грчките бродски компании не им е забрането да превезуваат руска нафта. Според механизмот за ограничување на цената што земјите од Г7 го воведоа кон крајот на 2022 година, западните бродски, осигурителни и финансиски компании можат да учествуваат во транспортот доколку нафтата е купена по цена под утврдениот лимит.

„Фајненшл тајмс“ наведува дека системот во голема мера се потпира на документацијата што ја доставуваат трговците со нафта, поради што дел од експертите предупредуваат дека неговата примена не е доволно ефикасна. Во меѓувреме, расте притисокот западните земји дополнително да ги заострат санкциите со цел да ги ограничат руските приходи од извозот на енергенси, што би можело да влијае врз работењето на бродските компании кои превезуваат руска нафта.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил