Поскапите нафта и гас ја засилуваат економската и безбедносната логика зад обновливите извори, додека дата-центрите отвораат нова битка за електрична енергија и мрежен капацитет
Енергетската безбедност, високите цени на нафтата и природниот гас и огромната потрошувачка на електрична енергија за вештачката интелигенција се во центарот на климатските разговори во Њујорк, во момент кога зависноста од фосилните горива повторно се наметнува како економски и безбедносен ризик.
Според „Фајненшл тајмс“, климатската дебата оваа година значително се поместува од традиционалното прашање како да се намалат емисиите кон прашањето како да се обезбеди поевтина, постабилна и посигурна енергија.
Војната меѓу Иран и САД и нарушувањата на глобалните енергетски пазари дополнително го засилија овој тренд. Продолжената блокада на Ормускиот теснец, според весникот, придонесе за силен раст на цените на нафтата и гасот и ги зголеми трошоците за земјите зависни од увоз на фосилни горива.
„Мислам дека луѓето сега ја гледаат неопходноста од енергетска безбедност и енергетска независност што ја носи чистата енергија“, изјави британскиот министер за надворешни работи Ед Милибанд, според кого војната со Иран, како и руската инвазија врз Украина претходно, ги покажале ризиците од зависноста од фосилните горива.
Исландската премиерка Криструн Фростадотир на климатските разговори го посочи искуството на нејзината земја по нафтените шокови во 1970-тите, кога Исланд забрзано го разви геотермалниот сектор.
„Започнете пред да морате. Изградете отпорност пред кризата да ја стави на тест“, порача таа.
Домаќинот на претстојниот годишен самит на ОН за климатски промени, Турција, предложи глобална цел до 2035 година електричната енергија да покрива 35% од финалната потрошувачка на енергија.
Истовремено, ставот на американскиот претседател Доналд Трамп е спротивен на оваа насока. Во говорот пред Генералното собрание на ОН, Трамп ги спореди предупредувањата за климатските промени со предупредувањата за ризиците од вештачката интелигенција и изјави дека планетата „се лади, а не се загрева“.
Но, надвор од САД, енергетската криза веќе има видливи последици врз владините политики и однесувањето на потрошувачите.
Според BloombergNEF, кинескиот извоз на батерии, електрични возила и соларна опрема по почетокот на војната со Иран достигнувал просечно 21 милијарда долари месечно, повеќе од една третина над нивото пред конфликтот.
Особено силен раст има кај соларната енергија на пазарите зависни од увоз на горива и со нестабилни електроенергетски мрежи. Кинескиот извоз на соларна опрема во Африка во првата половина на 2026 година пораснал за 37% во однос на истиот период лани, бидејќи домаќинствата и компаниите сè повеќе се свртуваат кон соларни системи наместо кон дизел и бензински генератори.
Расте и продажбата на електрични возила во делови од Азија. Продажбата во Индонезија и Филипините се удвоила, додека во Индија интересот за електрични автомобили и електрични возила со две тркала се зголемил откако во мај завршиле владините мерки за намалување на цената на бензинот.
Европа е меѓу регионите најизложени на нарушувањата на глобалниот енергетски пазар. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен минатата недела изјави дека Европа „горко ја почувствувала цената“ на зависноста од фосилните горива. Според неа, од затворањето на Ормускиот теснец, увозот на енергија ја чинел Европа дополнителни 90 милијарди евра.
Во исто време, европскиот пазар на електрични автомобили забрзува. Новите регистрации на електрични автомобили во август 2026 година биле речиси две третини повисоки од август минатата година, додека продажбата на бензински автомобили се намалила за една петтина.
Од почетокот на годината, батериските електрични и бензинските автомобили имаат идентичен удел од 21,7% во европскиот пазар на нови возила.
Кинескиот производител BYD, пак, во август соопшти дека за првпат во првата половина од годината остварил поголеми приходи од странските отколку од домашниот пазар, откако меѓународната продажба пораснала за 71%.
„Мислам дека војната со Иран беше катализатор“, изјави Итан Зиндлер од BloombergNEF, додавајќи дека пазарите постојано очекуваат брзо решавање на конфликтот, но неизвесноста продолжува.
Владите веќе реагираат. Германија во јули го зголеми обемот на ветерна енергија достапен на аукциите за 12 GW, додека Јужна Кореја најави цел до 2030 година обновливите извори да произведуваат 20% од електричната енергија.
Европската Унија, пак, го забрзува проширувањето и модернизацијата на електроенергетските мрежи, меѓу другото за да овозможи приклучување на околу 480 GW проекти од обновливи извори кои чекаат пристап до мрежата.
САД остануваат значаен исклучок. Големото домашно производство на природен гас ја изолира американската економија од дел од ценовниот шок што го чувствуваат Европа и Азија. Цената на гасот Henry Hub по почетокот на војната се движела околу 3 долари за милион британски термални единици, додека во Европа и Азија цените надминувале 20 долари.
Иако изградбата на ветерни и соларни капацитети во САД е на рекордно ниво, дел од инвестициите се забрзуваат поради истекувањето на федералните даночни олеснувања. Во исто време, инсталациите на соларни системи кај домаќинствата во вториот квартал од 2026 година паднале на најниско квартално ниво во последните пет години, според Wood Mackenzie.
Високите цени на бензинот имаат поинаков ефект врз американскиот пазар на електрични возила. Вкупната продажба на нови автомобили е намалена, но продажбата на користени електрични автомобили во август била за 15% повисока од истиот месец лани.
Покрај енергетската криза, на климатските разговори во Њујорк доминира и уште едно прашање: како да се обезбеди доволно електрична енергија за експанзијата на вештачката интелигенција и дата-центрите.
Брзиот развој на AI создава огромна нова побарувачка за електрична енергија, но во многу заедници изградбата на дата-центри веќе наидува на отпор поради потрошувачката на струја и вода, трошоците за инфраструктура и влијанието врз животната средина.
Шефот на климатската агенда на ОН, Сајмон Стил, предупреди дека технолошките компании се соочуваат со сè поголем притисок да покажат дека нивниот раст нема да создаде дополнителен товар за заедниците и енергетските системи.
Еден од можните одговори е дата-центрите да станат пофлексибилни корисници на електричната енергија. Наместо постојано да работат со максимално оптоварување, нивната потрошувачка би можела да се намалува во периоди на најголема побарувачка и да се зголемува кога има вишок електрична енергија, особено од ветерни и соларни централи.
Таквата флексибилност би можела да ја намали потребата од изградба на дополнителни фосилни електроцентрали и истовремено да им помогне на мрежите полесно да интегрираат поголем удел на обновливи извори.
„Флексибилните дата-центри создаваат поттик обновливите извори да се приклучуваат на мрежата“, изјави Вaрун Сиварам, директор на компанијата Emerald AI, која развива софтвер за управување со електроенергетски системи.
Но, дел од енергетските експерти предупредуваат дека само изградбата на нови соларни капацитети нема да биде доволна за да се неутрализираат емисиите од гасните централи што би можеле да бидат потребни за снабдување на дата-центрите.
Така, климатската и енергетската дебата во Њујорк сè повеќе се концентрира околу една заедничка тема: како да се обезбеди доволно електрична енергија за економијата што забрзано се електрифицира, без притоа да се создадат нови зависности, високи трошоци и ризици за енергетската безбедност.
Извор: Financial Times
