Французите ќе ја модернизираат црногорската електроенергетска мрежа

Црногорскиот електродистрибутивен систем (CEDIS) потпиша трипартитен партнерски договор со Француската агенција за развој (AFD) и француската компанија EDF International Networks (EDF IN), со што се воспоставува стратешка техничка соработка насочена кон модернизација на електродистрибутивната мрежа и зајакнување на капацитетите за енергетска транзиција во Црна Гора.

Договорот е склучен во рамки на програмата за техничка помош FEXTE на Француската агенција за развој, преку која се обезбедуваат грант-средства во висина до 290.000 евра, како и можност за дополнителна поддршка за подготовка на идни инвестициски проекти.

Во рамки на партнерството, EDF International Networks ќе ја стави на располагање својата експертиза во неколку клучни области: дигитализација на мрежата и развој на паметни електроенергетски системи, автоматизација на дистрибуцијата, оптимизација на инвестициското планирање, зајакнување на отпорноста на системот и интеграција на обновливите извори на енергија во согласност со европските стандарди.

РЕКЛАМА

Спроведувањето на договорот ќе опфати заедничка работа на експертски тимови во наредниот период, при што ќе биде извршена детална проценка на моменталната состојба на дистрибутивната мрежа, ќе се подготват препораки за дигитална трансформација на системот и ќе се изработат долгорочни инвестициски планови.

Техничката соработка претставува значаен дел од поширокото партнерство што CEDIS го развива со Француската агенција за развој. Паралелно со активностите предвидени со договорот, AFD ја разгледува можноста за финансиска поддршка на инвестициски проект кој вклучува реконструкција на шест трафостаници од 35 киловолти, како и модернизација на трафостаници од 10/0,4 киловолти низ цела Црна Гора.

Во таа насока, Француската агенција за развој веќе мобилизираше 500.000 евра техничка помош за спроведување физибилити студии за планираните инвестиции. Преку техничката поддршка и размената на експертиза со EDF International Networks, CEDIS очекува дополнително да ги подобри подготовката и планирањето на овие инвестиции, создавајќи услови за успешна реализација на идните развојни проекти.

Од компанијата оценуваат дека модернизацијата на дистрибутивната мрежа ќе придонесе за поголема енергетска стабилност, подобра интеграција на обновливите извори на енергија и зајакнување на енергетската безбедност на Црна Гора.

Договорот е дел од поширокото стратешко партнерство меѓу Франција и Црна Гора, воспоставено во контекст на европската интеграција на земјата и заедничките цели за зелена транзиција и одржлив енергетски развој.

Извор: AFD.fr

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил