Европските производители на ветерни турбини размислуваат за спојувања за да одговорат на кинеската конкуренција

Европските производители на ветерни турбини разгледуваат можности за спојувања и консолидација на секторот со цел да создадат посилни компании кои ќе можат поефикасно да се натпреваруваат со брзорастечките кинески конкуренти на глобалниот пазар на енергија од ветер, објави „Фајненшл тајмс“.

Дискусијата добива на интензитет во период кога кинеските производители, покрај доминацијата на домашниот пазар, сè поагресивно настапуваат во Латинска Америка, Блискиот Исток, а постепено се обидуваат да освојат и дел од европскиот пазар.

Извршниот директор на шпанската компанија „Акиона“ (Acciona) и најголем акционер во германскиот производител „Нордекс“ (Nordex), Хозе Мануел Ентреканалес, смета дека европската индустрија располага со силен потенцијал, но дека за да остане конкурентна ќе мора да постигне поголем обем на производство.

РЕКЛАМА

„Големината е суштинска. Веруваме дека консолидацијата е единствениот начин да се достигне потребната економија на обем“, изјави Ентреканалес за британскиот весник.

Неговите ставови се совпаѓаат со пошироката дебата во Европската Унија за создавање „европски шампиони“ во стратешките индустрии и за тоа дали сегашните правила за конкуренција ја ограничуваат можноста за вакви спојувања.

Во април годинава Европската комисија претстави нови насоки за спојувања и преземања, со кои поголем акцент се става на придобивките од создавање поголеми компании, како што се поголеми инвестиции, иновации и отпорност на европскиот пазар. Овие измени произлегуваат од извештајот на поранешниот италијански премиер Марио Драги за јакнење на конкурентноста на европската економија.

Сепак, експертите предупредуваат дека секторот веќе е релативно концентриран. На европскиот пазар доминираат неколку големи производители, Vestas, Siemens Gamesa, Nordex и Enercon, па останува неизвесно дали евентуални нови спојувања би добиле зелено светло од регулаторите.

Од друга страна, дел од аналитичарите сметаат дека поголемата големина сама по себе нема да ја реши конкурентската слабост на Европа.

„Европа треба да внимава да не ја изедначува големината со конкурентноста. Историјата покажува дека консолидацијата ретко може да ја замени иновацијата, продуктивноста и вистинскиот единствен пазар“, оценува Симоне Таљапјетра од бриселскиот тинк-тенк „Брyгел“.

Кинеските производители во моментов имаат значајна предност благодарение на огромниот домашен пазар. Компаниите Goldwind, Envision, Windey и Ming Yang контролираат речиси целосно, 99,96% од кинескиот пазар и минатата година инсталирале околу 120 гигавати нови ветерни капацитети, што претставува повеќе од 70% од новоинсталираниот светски капацитет.

За споредба, во Европа лани биле инсталирани нешто помалку од 20 гигавати ветерни електрани, при што европските производители обезбедиле околу 94,5% од тој пазар.

Поради големиот домашен обем, најголемиот кинески производител Goldwind минатата година инсталирал повеќе од двојно поголем капацитет од данскиот Vestas, околу 30 гигавати наспроти 14,5 гигавати.

Според консултантската компанија Rystad Energy, копнените ветерни турбини произведени во Кина на извозните пазари се за 20 до 40% поевтини од европските конкуренти, што им овозможува агресивно да освојуваат нови пазари.

Иако Vestas останува светски лидер според вкупно инсталирани капацитети, минатата година за првпат петте најголеми производители според новоинсталирана моќност беа исклучиво кинески компании, покажуваат податоците на Глобалниот совет за енергија од ветер (GWEC).

Аналитичарите предупредуваат дека европските производители постепено се повлекуваат од пазарите во развој и стануваат сè позависни од продажбата во Европа и САД. Според прогнозите на Wood Mackenzie, кинеските компании во следната деценија ќе освојат околу 27% од сите новоинсталирани копнени ветерни капацитети надвор од Кина.

По големите финансиски загуби во 2022 година, предизвикани од растот на трошоците и притисокот за намалување на цените, европските производители повторно бележат закрепнување. Во изминатите 12 месеци акциите на Vestas пораснаа за околу 40 проценти, а на Nordex за околу 90 проценти.

Според аналитичарот Вилијам Меки од „Kepler Cheuvreux“, евентуално спојување меѓу Vestas и Nordex би можело да биде премногу концентрирано за да биде одобрено од регулаторите, додека комбинација меѓу Siemens Gamesa и Nordex би имала поголеми шанси да добие дозвола.

Експертите оценуваат дека поголемите компании би можеле да остварат значителни заштеди преку заедничка набавка, стандардизација на производите, оптимизација на одржувањето и поголеми инвестиции во развој на нови, поефикасни и поевтини ветерни турбини.

Извршниот директор на Vestas, Хенрик Андерсен, претходно изјави дека целосно ја поддржува идејата за создавање европски индустриски шампиони, но предупреди дека за таков чекор можеби ќе бидат потребни исклучоци од постојните правила за конкуренција или нова европска регулатива.

Извор: Financial Times

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил