Европската комисија претстави мерки за дигитализација на енергетскиот систем во Европа

Европската комисија претстави нова Стратешка патна карта за дигитализација и употреба на вештачка интелигенција (AI) во енергетскиот сектор, со цел да се зајакне технолошката сувереност на Европската унија и да се обезбеди одржлива и безбедна енергетска транзиција.

Иницијативата е дел од пакетот „Европска технолошка сувереност“ и доаѓа во период кога европските енергетски системи стануваат сè позависни од дигиталните технологии, додека растечките цени на енергијата и геополитичките предизвици вршат дополнителен притисок врз индустријата и домаќинствата.

Од Европската комисија истакнуваат дека дигиталните решенија и вештачката интелигенција можат значително да придонесат за поефикасен, поконкурентен и побезбеден енергетски систем. Според проценките, поголемата флексибилност во потрошувачката на електрична енергија би можела да им заштеди на европските потрошувачи повеќе од 71 милијарда евра годишно, што претставува намалување на трошоците за електрична енергија за 64%.

РЕКЛАМА

За индустријата, дигитализацијата треба да овозможи подобра енергетска ефикасност и побрзо приспособување кон ценовните промени на пазарот. Дополнително, оптимизацијата на работењето и одржувањето преку AI технологии би можела да донесе заштеди до 94 милијарди евра годишно до 2035 година.

Патната карта се темели на три главни столба: одржлива интеграција на дата-центрите во енергетскиот систем, забрзано воведување дигитални и AI решенија во енергетската инфраструктура и создавање европска рамка за безбедна размена на податоци меѓу земјите-членки.

Комисијата најави и дополнителни мерки за зајакнување на довербата во AI решенијата, подобрување на сајбер-безбедноста на критичната енергетска инфраструктура, развој на дигитални вештини во енергетскиот сектор и унапредување на меѓународната соработка.

Во рамки на настанот во Брисел, европскиот комесар за енергија и домување Дан Јоргенсен присуствуваше на потпишување декларација за соработка меѓу 14 европски индустриски асоцијации од енергетскиот и дата-центар секторот. Истовремено бепе промовирана и новата иницијатива „AI.grids“, наменета за развој на модели на вештачка интелигенција за управување и планирање на електричните мрежи.

Извор: Европска Комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил