Брисел, 27 мај 2025 – Европа прави голем чекор кон иднината на енергетиката со развојот на Јужниот водороден коридор, амбициозен инфраструктурен проект кој треба да овозможи транспорт на зелен водород од Северна Африка преку Италија кон Централна Европа.
Проектот, кој во моментов е во фаза на студија за изводливост, предвидува изградба на водородовод со вкупна должина од 3.300 километри, од кои околу 1.900 километри би поминувале низ територијата на Италија. Интересно е што 65% од трасата ќе се темели на веќе постоечка гасоводна инфраструктура.
Иницијативата е поттикната од растечкиот интерес за зелени извори на енергија, со акцент на водородот како енергенс на иднината. Северна Африка, особено Тунис и Алжир, се посочуваат како идеални региони за производство на обновлив водород, благодарение на поволните климатски услови и изобилството од сончева и ветерна енергија.
„Тунис и Алжир се оптимални локации за производство на обновлив водород и веќе покажаа интерес за вклучување во процесот. Со поврзување преку Италија, Европа би добила нов сигурен извор и можност за диверзификација на енергетската понуда“, изјави Џованa Поци, директорка за развој на водородни проекти во италијанскиот оператор SNAM.

Според предвидувањата, до 2040 година, производството на водород во Италија ќе се зголеми од 5,2 TWh (во 2023) на 10,8 TWh. Дополнителни 29,5 TWh би доаѓале од увоз, претежно од Северна Африка.
Покрај Италија, Австрија и Германија веќе се вклучени во подготовките за коридорот. Дополнително, се разгледува можноста и Словенија да се приклучи на мрежата, особено преку проектот за формирање на Севернојадранска водородна долина, во која се вклучени 37 партнери од Словенија, Хрватска и италијанскиот регион Фурланија-Јулиска краина.
Овој проект претставува важен чекор кон остварување на климатските цели на Европската Унија и обезбедување одржлива енергетска иднина за регионот.
Извор: Nastik.si