Европа се соочува со првиот месечен пад на увозот на течен природен гас (ЛНГ) по повеќе од една година, поради ремонтни работи на терминалите и намалена глобална понуда, покажуваат најновите податоци на агенцијата Блумберг.
Според анализите на компанијата Kpler, количините на ЛНГ што пристигнале во Европа во април се помали во споредба со истиот период лани, а проценките се дека вкупниот месечен увоз ќе биде за околу 3% понизок. Ова би бил прв годишен пад на месечно ниво од почетокот на 2025 година.

Експертите посочуваат дека конечните бројки сè уште може да се променат, бидејќи танкерите често ги менуваат рутите во зависност од состојбите на пазарот.
Падот следува по рекордниот увоз во март, кога Европа сè уште не ги чувствуваше целосно последиците од енергетските нарушувања предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток. Дел од пратките од САД и Нигерија биле пренасочени кон Азија, каде побарувачката е зголемена поради ограничените испораки од Персискиот Залив.
Според аналитичарот Роналд Пинто од Kpler, падот на европскиот увоз е резултат на комбинација од планирани ремонти и неочекувани прекини на терминалите во Шпанија, Грција, Италија и Германија, како и поцврсти услови на глобалниот пазар.
Трговците внимателно ги следат состојбите, бидејќи Европа во наредните месеци ќе има потреба од дополнителни количини гас за пополнување на резервите пред следната зима. Дополнителен притисок создава и сезонското одржување во Норвешка, најголемиот снабдувач на Европа, што го забавува полнењето на складиштата.
Во меѓувреме, се очекува засилена конкуренција од Азија во летниот период, кога поради високите температури расте побарувачката за енергија за ладење. Компании од Индија, Бангладеш и Тајланд веќе разгледуваат нови набавки, додека Пакистан планира повторно да купува ЛНГ од спот-пазарот за првпат по повеќе од две години.
Извор: Bloomberg.com
