ЕУ склучи прв трипартитен договор за складирање енергија

Европската комисија минатата недела го потпиша првиот трипартитен договор за складирање енергија, со кој заедно со министрите за енергетика од земјите членки, претставници на индустријата, финансиските институции и инвеститорите ќе се забрза развојот на капацитетите за складирање електрична енергија низ Европската Унија.

Договорот беше потпишан на маргините на состанокот на Советот на министри за енергетика во Луксембург и има цел во наредните години да овозможи побрза изградба на системи за складирање енергија, со што ќе се зголемат сигурноста и флексибилноста на европскиот електроенергетски систем, а воедно ќе придонесе и за пониски и постабилни цени на електричната енергија.

Како дел од договорот, 22 земји-членки на ЕУ презедоа обврска во следните две години да реализираат проекти што ќе обезбедат меѓу 30 и 35 гигавати нови капацитети за складирање енергија.

РЕКЛАМА

Од Европската комисија посочуваат дека складирањето енергија е клучниот елемент за успешна енергетска транзиција, бидејќи овозможува произведената електрична енергија од обновливи извори да се користи тогаш кога има најголема потреба. На тој начин се подобрува интеграцијата на сончевите и ветерните електрани во електроенергетскиот систем и се намалува зависноста од нестабилните пазари на фосилни горива.

Според договорот, инвеститорите и развивачите на проекти ќе доставуваат редовни проценки за новите проекти за складирање енергија, додека индустриските компании ќе работат на изградба на сопствени капацитети и ќе обезбедуваат поголема транспарентност за својата потрошувачка на електрична енергија.

Земјите членки, пак, се обврзаа да ги отстранат регулаторните и административните пречки што го забавуваат развојот на секторот, како и да обезбедат финансиска поддршка преку национални и европски фондови, во согласност со правилата за државна помош.

Во иницијативата активно ќе бидат вклучени и Европската инвестициска банка, националните и регионалните банки, кои ќе работат на подобрување на условите за финансирање на проектите за складирање енергија.

Европската комисија ќе го координира спроведувањето на договорот и секоја година, до 2028 година, ќе го следи напредокот на преземените обврски.

Според проценките на Комисијата, Европската Унија до 2030 година ќе има потреба од околу 200 гигавати капацитети за складирање енергија, додека на почетокот на оваа година располагаше со околу 55 гигавати. Затоа, Брисел оценува дека е неопходно значително забрзување на инвестициите во различни технологии за складирање енергија, како предуслов за целосна интеграција на обновливите извори и јакнење на енергетската безбедност на Унијата.

Еврокомесарот за енергетика и домување, Дан Јоргенсен, оцени дека складирањето енергија е „алката што недостасува“ во чистата енергетска транзиција, додавајќи дека новиот модел на соработка меѓу институциите, индустријата и финансискиот сектор ќе придонесе за почиста, подостапна и поконкурентна европска енергија.

Извор: Европска Комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил