ЕУ пред клучна одлука: скапа струја, растечки јаглеродни давачки и сè почести негативни цени

Европската Унија влегува во нова фаза од дебатата за енергетскиот пазар, со цел да одговори на растечките притисоци од индустријата поради високите цени на електричната енергија. Темата ќе доминира на мартовскиот самит на Европскиот совет, каде лидерите ќе разгледуваат можни реформи за намалување на трошоците и враќање на индустриската конкурентност.

Според податоците од индустријата, од февруари 2024 година затворени се 101 хемиски погон во ЕУ, со загуба од околу 75.000 работни места и 25 милиони тони производствен капацитет. Енергетски интензивните сектори, како челик, цемент и хемикалии – предупредуваат дека цената на струјата во Унијата е двојно повисока од онаа во САД.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта најавија дека ќе бидат разгледани повеќе опции, вклучително и можноста за ревизија на сегашниот модел на формирање на цените.

РЕКЛАМА

Во центарот на дебатата е таканаречениот „мерит ред“ систем, според кој најскапиот извор на енергија ја одредува пазарната цена на струјата. Иако обновливите извори во 2025 година чинеле околу 24 евра за мегават-час, а нуклеарната енергија 52 евра, гасот, како најчесто користен извор, достигнал околу 100 евра за мегават-час и практично ја поставува крајната цена.

По енергетската криза предизвикана од руската инвазија врз Украина во 2022 година, ЕУ веќе направи измени во 2024 година со цел да ја ублажи зависноста на цените од фосилните горива. Воведени се механизми како договори за разлика (CfDs) и долгорочни договори за купување електрична енергија (PPAs), но дел од земјите членки сметаат дека тоа не е доволно.

Значаен фактор во ценовниот притисок е и европскиот Систем за тргување со емисии (ETS). Цената на јаглеродот порасна од под 10 евра за тон во 2018 година на околу 90 евра денес, што директно ги зголемува трошоците на индустријата.

Во меѓувреме, европскиот гасен репер Title Transfer Facility останува повисок од предкризните нивоа, иако далеку под рекордите од 2022 година. Во последните три години цените се движат околу 40 евра за мегават-час – речиси двојно повеќе од 2018 година.

Фон дер Лајен изјави дека евентуалната реформа може да донесе пониски цени на долг рок, но потенцира дека без инвестиции во електроенергетската мрежа и нови прекугранични интерконекции, поевтината енергија нема да може рамномерно да се распределува низ Унијата.

Индустријата алармира за „криза на конкурентност“

Европската асоцијација на производители на челик Eurofer предупреди дека индустриските цени на струјата се до 2,5 пати повисоки од оние на глобалните конкуренти. Според нив, иако најголем дел од електраните користат евтини обновливи извори, една електрана на фосилни горива може да ја одреди цената за целото производство, што значително ги зголемува сметките.

Индустријата смета дека ваквите услови ја доведуваат во прашање способноста на Европа да ја предводи зелената транзиција и истовремено да ја задржи производствената база.

Паралелно со високите сметки, европските пазари сè почесто бележат негативни цени на струјата, феномен што се јавува кога понудата ја надминува побарувачката, па производителите плаќаат за да го пласираат вишокот електрична енергија во мрежата.

Кошта оцени дека проблемот е посложен од едноставна ценовна реформа и најави „потехничка и прагматична“ дебата. Како можен пристап се разгледува и идејата на литванскиот претседател Гитанас Науседа за предвремено финансирање на идните придобивки од поевтината обновлива енергија.

Претставниците на секторот за обновлива енергија укажуваат дека решението лежи во зголемување на капацитетите за складирање, подобро управување со побарувачката и забрзана модернизација на електроенергетската инфраструктура.

Соочена со истовремено високи трошоци и вишоци на енергија, ЕУ ќе мора да најде балансирано решение што ќе ја стабилизира цената на струјата, ќе ја заштити индустријата и ќе ја задржи динамиката на зелената транзиција.

Извор: Euronews.eu

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил