ЕУ одобри 2,5 милијарди евра за модернизација на енергетските системи

Европската комисија и Европската инвестициска банка (ЕИБ) одобрија 2,5 милијарди евра од Фондот за модернизација за финансирање на 51 проект во 11 земји членки на Европската Унија, со цел забрзување на енергетската транзиција, зголемување на енергетската ефикасност и намалување на емисиите на стакленички гасови.

Средствата се обезбедени од приходите на Системот за тргување со емисии на ЕУ (EU ETS), а со оваа исплата вкупната поддршка од Фондот за модернизација од неговото воспоставување во 2021 година достигна 23,2 милијарди евра.

Најголем дел од средствата ќе добијат Романија – 636,9 милиони евра, Унгарија – 552,3 милиони евра и Чешка – 516,8 милиони евра. Финансирање ќе добијат и Грција (233,9 милиони евра), Полска (180 милиони), Литванија (169 милиони), Хрватска (109 милиони), Португалија (81,4 милиони), Естонија (44,8 милиони), Летонија (40 милиони) и Словенија (20,2 милиони евра).

РЕКЛАМА

Средствата ќе бидат насочени кон проекти за производство и складирање енергија од обновливи извори, модернизација и дигитализација на електроенергетските мрежи, подобрување на енергетската ефикасност во индустријата, јавните објекти и транспортот, како и кон декарбонизација на системите за централно греење.

Меѓу проектите што ќе добијат финансиска поддршка се развој на батериски системи за складирање електрична енергија во Романија, дигитализација на електроенергетската мрежа во Унгарија, воведување електрични тролејбуси во Естонија, замена на дизел автобуси со електрични во Летонија, користење геотермална енергија за централно греење во Хрватска, како и модернизација на преносната и дистрибутивната мрежа и изградба на нови капацитети за обновлива енергија и складирање во Словенија.

Фондот за модернизација е наменет за 13 земји членки на ЕУ со понизок бруто-домашен производ по жител и има цел да им помогне во модернизацијата на енергетските системи, исполнувањето на климатските цели и спроведувањето на националните енергетски и климатски планови.

Следниот рок за поднесување проекти за финансирање од Фондот е 11 август за неприоритетни инвестиции и 8 септември за приоритетни проекти.

Извор: Европска Комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил