Брисел. 28 јануари 2026 – Европската комисија ќе одвои речиси 650 милиони евра грантови од Механизмот за поврзување на Европа (CEF) за финансирање на 14 прекугранични проекти за енергетска инфраструктура, со цел зајакнување на енергетската безбедност на ЕУ, поголема интеграција на обновливите извори и зголемување на конкурентноста на европската економија.
Инвестицијата е во согласност со неодамна усвоениот Европски пакет за електроенергетски мрежи, кој ја нагласува важноста на подобрата поврзаност за намалување на цените на енергијата за потрошувачите и индустријата и за јакнење на енергетската независност на Унијата.
Ова е втор повик за предлози во рамки на првата листа на Проекти од заеднички интерес (PCI) и Проекти од заемен интерес (PMI). Одобрените средства го надминуваат првично планираниот буџет од 600 милиони евра, што, според Комисијата, го потврдува големиот интерес и успехот на повикот.
Од вкупниот износ, околу 470 милиони евра се наменети за шест проекти во електроенергетската инфраструктура, вклучително и паметни електрични мрежи. Најголемиот грант од 180 милиони евра ќе го добие проектот AGUAYO II во Шпанија за изградба на реверзибилна пумпна хидроелектрана со подземна инсталација и без негативно влијание врз животната средина.
Речиси 113 милиони евра ќе бидат вложени во заштита и зголемување на отпорноста на критичната енергетска инфраструктура во Полска и балтичките земји, во рамки на проектот за Балтичка синхронизација. Ова е првпат CEF да финансира вакви мерки во толкав обем.
Поддршка од 63 милиони евра ќе добие и модернизацијата на хидроакумулацијата Чиерни Вах во Словачка, додека речиси 104 милиони евра се наменети за проект за паметни мрежи меѓу Бугарија и Романија. Дополнително, два проекта, во Австрија и за енергетска врска меѓу Грција и Египет – ќе добијат средства за студии.
Повеќе од 176 милиони евра се издвоени за развој на водородна инфраструктура, со цел декарбонизација на индустријата. Проектот за складирање водород во Гронау, Германија, ќе добие 120 милиони евра, што претставува првпат CEF да финансира конкретни градежни работи во овој сектор.
По позитивното гласање на земјите членки во Координацискиот комитет на CEF на 15 јануари 2026 година, формалната одлука за доделување на средствата се очекува во наредните недели. Следниот повик за енергетска инфраструктура е планиран за вториот квартал од 2026 година.
Листата на проекти избрани за доделување грантови:
Електрична енергија и паметни мрежи
- Шпанија – Изградба на реверзибилна пумпно-акумулациска хидроелектрана AGUAYO II: 180,03 милиони евра
- Полска, Естонија, Латвија и Литванија – Балтичка соработка за заштита на критичната инфраструктура за синхронизација: 112,58 милиони евра
- Романија – Бугарија – CARMEN: паметни мрежи за зголемување на обновливите извори и интерконективноста во Југоисточна Европа: 103,69 милиони евра
- Словачка – Модернизација на пумпно-акумулациската хидроцентрала Чиерни Вах: 62,63 милиони евра
- Грција – Египет – GREGY зелен енергетски интерконектор (студија): 9,56 милиони евра
- Австрија – Внатрешна електрична линија Весттирол – Цел/Цилер (студија): 1,02 милиони евра
Водородна инфраструктура
- Германија – Складиште за водород Гронау–Епе (RWE): 120,11 милиони евра
- Холандија – ACE терминал (студија): 25,62 милиони евра
- Германија – Зелен терминал Вилхелмсхафен (Uniper) – студија: 10,63 милиони евра
- Франција – HyGreen (студија): 7,54 милиони евра
- Франција – Производство на обновлив водород за декарбонизација на индустријата (студија): 4,20 милиони евра
- Бугарија – Внатрешна водородна инфраструктура (студија): 4,56 милиони евра
- Словачка – Словачки водороден ‘рбет (студија): 2,53 милиони евра
- Австрија – Подготовка на концептуален инженеринг и FEED за австрискиот водороден ‘рбет WAG + Penta West (студија): 1,46 милиони евра
Извор: Европска комисија
