Европската Унија е блиску до исполнување на своите цели за развој на јавната инфраструктура за полнење електрични возила, при што речиси четири петтини од главната транспортна мрежа веќе ги исполнуваат минималните стандарди утврдени со европската регулатива AFIR. Тоа покажува најновиот извештај на организацијата Transport & Environment (T&E), кој укажува дека забрзаните инвестиции ја намалуваат една од најголемите пречки за поширокото прифаќање на електричните автомобили во Европа.
Според анализата, земјите-членки во просек ги надминале целите за инсталирана моќност на јавните полначи за повеќе од 180%, додека до првиот квартал од 2026 година околу 79% од основната TEN-T транспортна мрежа ги исполнува барањата за ултрабрзо полнење на секои 60 километри. Во Западна Европа усогласеноста веќе надминува 99%.
Извештајот покажува дека растот на инфраструктурата оди паралелно со зголемувањето на бројот на електрични возила. Во Европската Унија во 2025 година биле достапни околу 1,1 милион јавни полначи, пет пати повеќе отколку во 2020 година. До крајот на деценијата нивниот број се очекува да достигне 2,1 милион, што би претставувало раст од околу 90% во споредба со сегашното ниво.
Најголем напредок бележат земјите од Централна и Источна Европа, иако тие сè уште заостануваат зад западниот дел на континентот. Полска, на пример, за помалку од две години го зголемила покривањето на својата основна TEN-T мрежа од 20% на 59%, што ја прави една од најбрзо напредувачките пазари во ЕУ.
Според T&E, преостанатиот јаз може релативно брзо да се затвори. Организацијата проценува дека повеќе од 90% од целите за 2025 година би можеле да бидат исполнети со изградба на само 70 стратешки поставени центри за полнење, од кои најголем дел се потребни во Шпанија, Полска и Романија.
Организацијата предупредува дека следната ревизија на регулативата AFIR не треба да ги ублажи постојните обврски. Наместо тоа, препорачува задржување на сегашните цели, подобрување на транспарентноста на цените и квалитетот на услугите, како и продолжување на европското финансирање за инфраструктурата за полнење. Дополнително, T&E оценува дека евентуално олабавување на стандардите за емисиите на CO₂ кај автомобилите би создало неизвесност кај инвеститорите и би можело да го забави понатамошното ширење на мрежата.
Извештајот сугерира дека европската стратегија за електрификација на патниот транспорт влегува во фаза во која најголемиот предизвик повеќе не е изградбата на основната инфраструктура, туку затворањето на преостанатите празнини и обезбедувањето унифицирано корисничко искуство низ целата Европска Унија.

Извор: Transortenvironment.org
