Државната компанија АД ЕСМ ќе реализира инвестиција вредна 97 милиони евра, со која е предвидена изградба на фотоволтаичната електрана „Битола 3“, како и довршување на обновата на хидроелектраните Вруток и Тиквеш. Проектите ќе се финансираат преку задолжување кај две меѓународни финансиски институции, а за заемите гарантира државата.
Од вкупниот износ, 87 милиони евра се наменети за изградба на новата соларна централа во кругот на РЕК Битола, додека преостанатите 10 милиони евра ќе се искористат за финализирање на започнатите активности за ревитализација на хидроенергетските објекти.
Најголемиот дел од средствата, односно 60 милиони евра, ќе бидат обезбедени преку кредит од германската Развојна банка KfW. Од тие пари, 50 милиони евра се планирани за фотоволтаичниот проект, а 10 милиони евра ќе послужат како дополнување на финансиската конструкција за модернизација на хидроелектраните. Дополнителни 37 милиони евра за „Битола 3“ ќе се обезбедат преку заем од Европската банка за обнова и развој.
Според законските решенија кои се разгледуваат во Собранието, заемот од KfW ќе има рок на отплата од 12 години, со можност за грејс период до три години. Каматата ќе биде променлива и ќе се утврдува при секое повлекување на средства, а ЕСМ ќе плати и еднократен надомест од еден процент од износот на кредитот. Кредитот од Европската банка за обнова и развој, пак, е со рок на враќање од 15 години, исто така со тригодишен грејс период, при што каматната стапка ќе се базира на шестмесечен ЕУРИБОР зголемен за маргина од еден процент, со исто така предвидена провизија од еден процент.
Со реализацијата на фотоволтаичната централа „Битола 3“ се очекува зголемување на инсталираната моќност од обновливи извори за најмалку 134 мегавати и годишно производство од околу 175 гигават-часови електрична енергија. Проектот ќе придонесе и за зголемување на уделот на зелената енергија во националниот енергетски микс, во согласност со стратешките цели и меѓународните обврски на државата. Воедно, ќе се уредат околу 200 хектари земјиште во рамки на рудникот во РЕК Битола, што е дел од обврските на ЕСМ за рекултивација.
Дополнителните средства за хидроелектраните ќе овозможат зголемување на нивниот капацитет за 13,5 мегавати. Планирано е во ХЕ Врбен да се замени турбинската опрема, со што ќе се добијат дополнителни 3,5 мегавати, додека во ХЕ Тиквеш ќе се изврши замена на трансформаторите, што ќе донесе зголемување од уште 10 мегавати. Како резултат на тоа, се очекува и дополнително годишно производство од околу 47,5 гигават-часови.
Од ЕСМ истакнуваат дека со овие зафати ќе се продолжи работниот век на хидроелектраните, ќе се подобри искористеноста на водниот потенцијал и ќе се зајакне стабилноста и сигурноста на електроенергетскиот систем во земјава.
Енергетика 24
