АД ЕСМ на 21 јули годинава започна меѓународна постапка за избор на консултант кој ќе ја изработи физибилити студијата и основниот проект за изградба на комбинирана гасна централа за производство на електрична и топлинска енергија (CHP) во Битола, како и за проширување на градската топлификациска мрежа. Проектот ќе се финансира со грант од Светска банка, а претставува еден од најзначајните чекори во подготовката на енергетската транзиција на земјата.
Според повикот, избраниот консултант ќе треба да изработи сеопфатна физибилити студија која ќе ги анализира техничките, економските, финансиските и еколошките аспекти на проектот. Во рамките на анализите ќе се утврди оптималниот капацитет на идната гасна централа, ќе се направи избор на најсоодветната технологија, ќе се испита можноста за користење на постојната инфраструктура на РЕК Битола, како и поврзувањето со националната гасоводна и електропреносна мрежа.
Покрај изградбата на когенеративната централа, консултантот ќе треба да ја анализира и испланира идната експанзија на системот за централно греење во Битола. Студијата ќе опфати проценка на сегашната и идната побарувачка за топлинска енергија, можните траси за проширување на мрежата, фазите на реализација, техничките решенија, како и подготовка на проектна документација која ќе овозможи започнување на инвестицијата.
Во рамките на задачата ќе бидат подготвени и финансиски модели со пресметка на инвестиционите и оперативните трошоци, анализи на исплатливоста, проценка на влијанието врз животната средина, како и документација потребна за идните тендерски постапки и обезбедување дозволи. Предвидена е и проценка на можностите за идно користење мешавина од природен гас и водород, во согласност со европските политики за декарбонизација.
Повикот е наменет за искусни меѓународни консултантски компании. Од нив се бара најмалку десет години искуство во инженерски и консултантски услуги, просечен годишен приход од најмалку 500.000 евра во последните пет години и реализирани најмалку две физибилити студии за когенеративни или комбинирани гасни електрани со минимален капацитет од 150 мегавати, финансирани од меѓународни финансиски институции. Дополнително, компаниите треба да имаат искуство со слични проекти во Европската Унија или Западен Балкан.
Според објавената документација, консултантот треба да започне со работа на почетокот на 2027 година, а физибилити студијата и основниот проект да ги заврши во рок од 12 месеци. Проценетата вредност на договорот за изработка на студијата изнесува околу 1,6 милиони американски долари, а изборот ќе се врши според методологијата „квалитет и цена“ (QCBS) на Светска банка.
Компаниите заинтересирани за учество во постапката треба да достават израз на интерес најдоцна до 5 август 2026 година. Документацијата и сите услови за учество се достапни на веб-порталот на АД ЕСМ.
Проектот е дел од стратешките планови за постепено намалување на зависноста од јаглен, модернизација на производствените капацитети и обезбедување поефикасно и поеколошко производство на електрична и топлинска енергија. Истовремено, се очекува со проширувањето на системот за централно греење да се намали загадувањето од индивидуалните системи за затоплување и да се подобри квалитетот на воздухот во Битола.
Извор: ESM.com.mk
