ЕСМ најавува натпланско производство од ХЕС „Маврово“

Управниот одбор на АД ЕСМ во текот на вчерашниот ден оствари работна посета на хидроелектраната „Вруток“, една од најзначајните производствени капацитети во рамки на ХЕС „Маврово“ и македонскиот електроенергетски систем.

За време на посетата, раководството направи увид во тековното работење на електраната, реализацијата на производствениот план, состојбата со одржувањето на постројките, како и во идните развојни активности и инвестициски планови.

Според податоците на АД ЕСМ, заклучно со 24 јуни, ХЕС „Маврово“ реализирал 55% од годишниот план за производство на електрична енергија. Во исто време, планираниот доток на вода за целата 2026 година веќе е целосно остварен, што, како што посочуваат од компанијата, е резултат на исклучително поволните хидролошки услови.

РЕКЛАМА

Врз основа на актуелните хидролошки показатели, очекувањата се дека до крајот на годината ХЕС „Маврово“ ќе го надмине годишниот план и ќе оствари околу 120% реализација на планираното производство на електрична енергија.

ФОТО / АД ЕСМ

Во фокусот на посетата бил и третиот циклус од проектот „Ревитализација на хидроелектрани“, вреден 47,3 милиони евра. Со проектот е предвидена модернизација на електричната, машинската и хидромеханичката опрема, системите за мониторинг и придружната инфраструктура во хидроенергетските капацитети на АД ЕСМ.

Од компанијата истакнуваат дека инвестициите ќе придонесат за продолжување на работниот век на постројките, зголемување на нивната безбедност и подобрување на ефикасноста во производството, како и за зајакнување на енергетската сигурност на државата, зголемување на домашното производство на електрична енергија и забрзување на процесот на зелена енергетска транзиција.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил