ЕСМ: Иновативни решенија базирани на природа ќе се применат во ХЕЦ „Глобочица“

АД ЕСМ информира дека преку својата подружница ХЕС „Црн Дрим“ беше домаќин на работна средба во рамки на меѓународниот проект NATURE-DEMO, насочен кон развој и демонстрација на иновативни решенија базирани на природата за зголемување на отпорноста на критичната инфраструктура на климатските предизвици.

Од компанијата посочуваат дека проектот е поддржан од Европската комисија и се реализира во соработка со Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС). Целта е воведување одржливи механизми кои ги користат природните процеси како дел од стратегијата за заштита, надградувајќи ги традиционалните инженерски мерки.

Како систем од стратешко значење за енергетската стабилност на државата, ХЕС „Црн Дрим“ – Струга, односно ХЕЦ Глобочица, е целосно вклучена во демонстративните активности на проектот. Според информациите од ЕСМ, токму на оваа локација, за првпат во земјава, ќе се применат вакви напредни пристапи преку практична стабилизација на свлечиштата над браната.

РЕКЛАМА

ФОТО / АД ЕСМ

Планирано е контролирано засадување на автохтони растенија, проследено со систематско следење и превенција на потенцијални идни ризици. Од ЕСМ оценуваат дека станува збор за значаен чекор кон современо и еколошки одговорно управување со критичната инфраструктура.

На работилницата, како што информираат од компанијата, биле презентирани тековните активности и прецизирани следните чекори меѓу претставниците на ХЕС „Црн Дрим“, експертите од ИЗИИС, како и претставници од локалните самоуправи во Струга и Охрид, јавните претпријатија и невладиниот сектор. Покрај директната примена на терен, било дискутирано и за пошироката применливост на моделот во справување со различни предизвици во регионот.

Со ова партнерство, наведуваат од ЕСМ, компанијата активно придонесува кон воведување европски стандарди во заштитата на енергетските капацитети, нагласувајќи дека отпорноста на системот е заедничка одговорност и клучен предуслов за долгорочна стабилност и развој.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил