Континентална Европа, вклучително и Македонија, претстојното лето ќе имаат стабилно и сигурно снабдување со електрична енергија, а ризици од рестрикции или посериозни дефицити во пазарни услови речиси и да не постојат. Ова го покажува најновиот официјален извештај за перспективите на енергетскиот систем за летото 2026 година (Summer Outlook 2026), објавен од Европската асоцијација на оператори на преносни системи за електрична енергија (ENTSO-Е).
Според деталните симулации на европските експерти, електроенергетскиот систем во земјава и во поголемиот дел од континентот е максимално отпорен. Сепак, извештајот испраќа порака за будност до неколку изолирани региони и предупредува дека фокусот на енергетските компании уште сега мора да се насочи кон подготовките за претстојната зима.
Македонија во „сигурната зона“, потрошувачката на пладне е најкритична
Македонија влегува во летната сезона со добро балансиран сооднос меѓу домашните капацитети и очекуваната потрошувачка. Според податоците од ENTSO-Е, максималната очекувана потрошувачка (врвно оптоварување) во земјава во текот на најтоплите денови ќе достигне 1,2 гигавати (GW). Нашата земја располага со вкупен нето-капацитет за производство од 2,6 GW, што значи дека теоретски имаме двојно повеќе инсталирана моќност од она што реално ќе се троши во критичните моменти.
Сепак, извештајот нотира два важни фактори за Македонија и регионот:
- Жешките бранови го диктираат темпото: Врвната потрошувачка во Македонија и во јужна Европа е концентрирана главно околу пладне. Овој пик е директно поврзан со масовното користење на клима-уредите поради екстремните летни температури.
- Улогата на хидропотенцијалот: Околу 46% од македонскиот енергетски микс се потпира на хидроелектрични централи. ENTSO-Е забележува дека нивоата на акумулациите во Европа во јуни годинава се за 19% повисоки од сушната 2024 година, но сепак се за 18% пониски во споредба со минатата година. Тоа значи дека менаџирањето со водните ресурси ќе бара внимателно планирање.
Бум на фотоволтаици во Европа: Сонцето носи рекорди, но и нови предизвици
На ниво на цела Европа, енергетската транзиција бележи историски скок. Инсталираниот капацитет од обновливи извори на енергија е зголемен за неверојатни 90 гигавати (GW) во споредба со минатото лето. Овој огромен раст се должи главно на „масовната инвазија“ на сончеви панели, при што вкупниот капацитет на фотоволтаици во Европа пораснал за дури 22% за само една година. Капацитетот на батериските системи за складирање енергија е речиси удвоен (+107%), но со вкупни 29 GW сè уште е на релативно ниско ниво за да го апсорбира целиот вишок.
Како резултат на овој соларен бум, термалните централи на јаглен и гас постепено се затвораат, капацитетот на тврд јаглен на континентот е намален за 11% (-6 GW), а на гас за 3% (-6 GW).
Сепак, ENTSO-Е предупредува на феноменот на т.н. „вишок на производство“. Во денови кога има премногу сонце и ветер, а потрошувачката е ниска, производството од обновливи извори ќе ги надмине потребите на пазарот. Тоа ќе наметне потреба од присилно исклучување (curtailment) на зелената енергија за да се заштити мрежата, што најизразено ќе биде во Германија и северна Шведска.
Каде пресметува ENTSO-Е потенцијални ризици?
Додека Македонија и централна Европа се целосно безбедни, извештајот мапира неколку ранливи точки на европската мапа:
- Молдавија: Земјата се соочува со сериозен структурен ризик поради тековните ограничувања во снабдувањето со природен гас, што директно ја загрозува работата на нејзините термоелектрични централи.
- Украина: Иако симулациите не покажуваат директен дефицит под нормални летни услови, ситуацијата во земјата останува крајно непредвидлива и несигурна поради постојаниот ризик од руски напади врз електроенергетската и преносната инфраструктура.
- Островите под лупа: Поради географската изолираност и лимитираната меѓусистемска поврзаност (интерконекција), Ирска, Малта и Кипар се ставени под засилен мониторинг. Доколку се соочат со невреме или непланирани дефекти на големи блокови, овие острови ќе мора да активираат вонпазарни резерви за да избегнат дефекти.
Зголемена потрошувачка и поглед кон зимата
Вкупната потрошувачка на струја во Европа летово се очекува да биде поголема за 2,5% во споредба со минатата година. Иако гасот за претстојните месеци е проценет како релативно достапен , ENTSO-Е предупредува дека упорно високите цени на гасот на глобалните пазари (под влијание и на геополитичката криза на Блискиот Исток) може да го отежнат полнењето на складиштата за следната грејна сезона. Поради тоа, европските преносни оператори веќе почнуваат со координирани подготовки за зимскиот период за да се осигура дека мрежата ќе остане стабилна и во текот на најстудените месеци.
Клучни препораки и оперативни мерки за летото 2026 година
Европските оператори на преносни системи (TSOs), во тесна соработка со регионалните координативни центри, препорачуваат спроведување на неколку клучни мерки за да се амортизираат предизвиците во претстојниот период:
- Максимална прекугранична координација и будност (STA процес): Поради специфичните пикови на потрошувачка и климатските варијации, се наложува континуиран мониторинг преку т.н. процес на „краткорочна адекватност“ (Short-Term Adequacy – STA). Овој процес на неделно и дневно ниво во рок од 7 дена однапред ќе детектира евентуални пазарни дефицити на паневропско ниво за навремена реакција.
- Оперативно менаџирање со вишоците од ОИЕ (Сонце и Ветер): Операторите во земјите со огромен наплив на фотоволтаици и ветерни централи (пред сè Германија, Шведска и Полска) се повикуваат на внимателно оперативно управување. Се препорачува мрежите да се подготват за координирано присилно исклучување (curtailment) на капацитетите во часовите со ниска потрошувачка за да се спречи преоптоварување на системот.
- Подготвеност и активирање на вонпазарните ресурси (NMR): За регионите со зголемен ризик (како Ирска и Малта), се препорачува одржување во висока подготвеност на стратешките резерви и вонпазарните капацитети. Иако овие ресурси првенствено се со национална намена, извештајот препорачува паневропска солидарност и нивно активирање преку границите доколку техничките можности на мрежата го дозволуваат тоа.
- Забрзани подготовки за зимата 2026-2027: Ова е една од најсериозните препораки во извештајот. Бидејќи геополитичките тензии на Блискиот Исток го отежнуваат полнењето на складиштата со гас по поволни цени, ENTSO-Е препорачува енергетските субјекти уште сега да почнат со логистички подготовки. Како резултат на оваа итност, ЕНТСО-Е најави дека следниот голем извештај (Winter Outlook 2026-2027) ќе биде изработен и објавен значително порано од вообичаениот рок (пред 1 декември), со цел државите да имаат повеќе време за реакција.
Извор: Entsoe.eu
