Енергетските компании ширум светот мора да најдат рамнотежа меѓу енергетската транзиција, сигурноста на снабдувањето и забрзаната дигитализација, особено во услови на растечка побарувачка од AI дата-центрите и климатските предизвици. Ова го истакна професорот Фил Харт, главен истражувач во Центарот за обновлива и одржлива енергија при Technology Innovation Institute (TII), во интервју за Energy Connects.
Според Харт, енергетскиот сектор мора да се води од факти и долгорочно планирање, а не од политички или идеолошки наративи. Тој посочува дека обновливите извори во комбинација со складирање на енергија и нуклеарна енергија сè почесто претставуваат најисплатлива и најбезбедна опција за идниот енергетски систем.
„Климатските промени се реалност, а енергетскиот систем е еден од главните причинители. Продолжување со старите технологии без промени би претставувало сериозен неуспех на лидерството во секторот“, нагласува Харт.
Тој смета дека дигитализацијата и напредните системи за управување ќе играат клучна улога во оптимизацијата на енергетските мрежи. Како пример го наведува „динамичкото оценување на далноводите“, технологија што овозможува подобро искористување на постојната инфраструктура и одложување на скапите инвестиции во нови преносни капацитети.
Во интервјуто, Харт предупредува и на огромниот енергетски притисок што го создаваат AI дата-центрите. Според него, овие центри ќе создаваат концентрирани зони со екстремно висока потрошувачка на електрична енергија, најчесто во близина на урбани средини.
„Дата-центрите се планираат во рок од една до три години, додека енергетските компании размислуваат во децении. Токму тука постои сериозен јаз кој мора да се надмине со навремено планирање“, вели тој.
Како решение, Харт предлага создавање специјални „пред-подготвени“ зони за дата-центри, каде однапред би биле обезбедени електроенергетска инфраструктура и телекомуникациска поврзаност. Според него, ваквиот пристап може да помогне и во амбициите на одделни региони да станат глобални AI хабови.
Осврнувајќи се на водната сигурност и циркуларната економија, професорот Харт оценува дека технологиите за претворање отпад во вредни ресурси веќе се подготвени за поширока примена. Тој открива дека неговиот тим работи на технологии за екстракција на минерали и метали од концентрираната солена вода што останува по процесите на десалинизација.
„Не станува збор за недостаток на технологија, туку за економска подготвеност и волја за имплементација“, посочува Харт.
TII веќе развива системи базирани на вештачка интелигенција и предиктивно моделирање за анализа на електроенергетските мрежи. Според Харт, процеси за анализа кои порано траеле со месеци, денес можат да се завршат за неколку минути.
Моделите што ги развива институтот овозможуваат предвидување на ризици и можни дефекти во електроенергетските системи, вклучително и анализа на сценарија со повеќекратни истовремени дефекти во мрежата. Ова, според него, е особено важно по неодамнешните големи прекини на електричната енергија во Шпанија и Португалија.
Харт смета дека иднината ќе донесе електроенергетски системи управувани со AI во реално време, кои секоја секунда ќе ја оптимизираат стабилноста, цената, емисиите и сигурноста на снабдувањето.
„Таквите системи не се далечна иднина, тие се неопходни ако сакаме успешна интеграција на обновливите извори во енергетските мрежи“, заклучува тој.
Извор: EnergyConnects.com
