Марибор.12 февруари 2026 – Енергетската безбедност претставува еден од најголемите предизвици за европската одбрана, изјави словенечкиот министер за одбрана Борут Сајович за време на отворањето на меѓународниот проект SENTINEL во Марибор.
Сајович предупреди дека повеќе од 60% од енергијата во Европа се увезува, што значително ја зголемува ранливоста на воените операции, особено поради ризиците од прекини во синџирите на снабдување и хибридни напади врз горивата.
Во рамки на проектот „Sustainable Energy Capabilities for Enhanced Military Camps and Operations“ (SENTINEL) учествуваат 40 компании од 15 европски земји, меѓу кои и шест од Словенија. Целта на проектот е развој на напредни енергетски решенија за зголемување на ефикасноста, отпорноста и тактичката автономија на воените кампови.
Проектот предвидува развој и тестирање на 17 клучни енергетски капацитети во соработка со вооружените сили, вклучително напредни енергетски технологии, подобрена мобилност, дигитални енергетски решенија и интеграција на паметни мрежи. Овие решенија ќе можат да се применуваат и при природни и други катастрофи.
Покрај Министерството за одбрана на Словенија, во проектот се вклучени и словенечките компании Роботина, Смартіс и OneDrone, како и Електротехничкиот и Машинскиот факултет при Универзитетот во Љубљана и Факултетот за електротехника, компјутерски науки и информатика во Марибор.
Вкупната вредност на проектот се проценува на нешто помалку од 57 милиони евра, а најголемиот дел од средствата ќе бидат обезбедени од Европскиот одбранбен фонд.
Извор: Portal24.si
