Шест од десет нови градски автобуси во Европската унија во 2025 година биле возила со нулта емисија (ZE), покажува најновиот извештај на Европската федерација за транспорт и животна средина.
Според анализата, 56% од новите автобуси биле батериско-електрични, додека 4% користеле погон на горивни ќелии. За споредба, во 2019 година, кога беше усвоена ЕУ Директивта за чисти возила, електричните автобуси сочинувале само 12% од пазарот.
Доколку продолжи растот од периодот 2023–2025 година, можно е до 2028 година сите нови градски автобуси во ЕУ да бидат со нулта емисија, шти е седум години пред целта поставена за 2035 година.

Пет земји со 100% автобуси без емисии
Во 2025 година, пет земји членки имале целосно електрифицирани нови градски автобуси:
Бугарија, Данска, Естонија, Латвија и Словенија.
Дополнителни шест земји имале удел на ZE автобуси над 90%: Холандија, Луксембург, Финска, Белгија, Литванија и Романија.
Извештајот наведува дека досегашниот раст бил поттикнат од водечките земји и градови со амбициозни планови за целосна електрификација, додека идниот напредок ќе зависи од државите кои досега заостанувале.
Состојбата на главните пазари
Меѓу најголемите пазари (со повеќе од 1.000 нови градски автобуси годишно), Обединето Кралство повторно е на врвот, три од четири нови автобуси се со електричен погон.
Италија е втора со речиси две третини нови автобуси без емисии, што ја прави единствен голем пазар над просекот на ЕУ. Шпанија е трета со удел од 56%, благо под нивото од 2024 година.
Германија е четврта со половина од новите автобуси без емисии, додека Франција е последна меѓу главните пазари со 42%.
Од 2020 година наваму, батериско-електричните автобуси секоја година освојуваат сè поголем пазарен удел. За разлика од нив, автобусите на горивни ќелии бележат поскромен раст, од 3% во 2024 на 4% во 2025 година, при што 62% од продажбата е концентрирана во Германија.
Во меѓувреме, другите алтернативи на дизелот губат удел. Хибридните автобуси паднале на 9% од новите продажби (од 16% во 2024), а автобусите на гас се преполовиле на 7%, иако и натаму имаат значително присуство во Италија и Франција (23% од новите продажби).
Извор: Transportenvironment.org
