Европската комисија ѝ сугерира на Чешка да го одложи нуклеарниот договор со Јужна Кореја

Прага.12 мај 2025 – Европската комисија ја повика Чешка да го одложи потпишувањето на договорот со јужнокорејската компанија KHNP, вреден најмалку 18 милијарди долари, со кој треба да се изградат нови нуклеарни блокови, поради тековна проверка за евентуално користење странски субвенции. Ова го соопшти портпарол на Комисијата во понеделникот.

Постапката е иницирана по жалбата поднесена од француската компанија EDF, која не успеа да победи на тендерот. Овој потег претставува уште една можна пречка за реализација на најголемата јавна набавка во историјата на Чешка, дел од националната стратегија за замена на јагленот и застарените нуклеарни капацитети.

Портпаролот на ЕК ја потврди автентичноста на писмото испратено од комесарот за индустриска стратегија Стефан Сежурн, за кое прва извести чешката новинска агенција ČTK.

Advertisement

„Изразуваме загриженост согласно правилата за странски субвенции во однос на понудата на јужнокорејската компанија,“ изјави портпаролот на редовниот дневен брифинг. Тој додаде дека засега не е отпочната формална истрага и дека нема определен рок за нејзино евентуално започнување. „Сè уште не сме во фаза на темелна истрага и не би претпоставувал дали ќе стигнеме до таму или не.“

Во меѓувреме, регионален суд во Чешка веќе изрече привремена забрана за потпишување на договорот, додека не се разгледа жалбата на EDF за неправилности во тендерската постапка. Забраната се однесува на подружница на електроенергетската компанија ČEZ, каде што мнозинскиот удел го има државата.

ČEZ планираше да го формализира договорот со KHNP уште овој месец, откако доби зелено светло од антимонополските власти во Чешка. Владата и раководството на ČEZ тврдaт дека понудата на KHNP била значително подобра од онаа на EDF.

Според ČTK, извршниот директор на ČEZ, Даниел Бенеш, изјавил дека писмото од Европската комисија било испратено на 2 мај, и дека EDF „прави сè што може за да го спречи проектот.“

ČEZ најави дека ќе побара оштета од EDF поради одложувањата, кои можат да ја загрозат реализацијата на проектот – првиот од двата планирани реактори со капацитет од 1.063 мегавати треба да биде готов до 2036 година.

Извор: ČTK

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement