Цените на нафтата пораснаа за повеќе од 3% поради стравувањата од прекин на испораките на Блискиот Исток

Цените на нафтата денеска достигнаа највисоко ниво во последните речиси шест недели, поттикнати од зголемената загриженост за можни нарушувања на снабдувањето од Блискиот Исток поради ескалацијата на конфликтот меѓу САД и Иран и заканите за напад врз танкери во Црвеното Море.

Фјучерсите на суровата нафта „Брент“ поскапеа за 3,63% и достигнаа 94,31 долари за барел, откако во текот на денот се искачија и до 95,47 долари, што е највисоко ниво од 11 јуни. Американската сурова нафта WTI забележа раст од 3,32% и се тргуваше по цена од 87,14 долари за барел.

Растот на цените следува по продолжувањето на воените операции меѓу САД и Иран. Американската војска соопшти дека извела напади врз ирански цели единаесетта ноќ по ред, додека Кувајт објави дека неговата противвоздушна одбрана пресретнала ирански беспилотни летала.

РЕКЛАМА

Дополнителен притисок врз пазарите создадоа и заканите од јеменските Хути, поддржани од Иран, кои најавија дека ќе ги таргетираат бродовите што превезуваат саудиска нафта низ теснецот Баб ел-Мандеб и прогласија поморска блокада на Саудиска Арабија.

Поморската мисија на Европската Унија „Аспидес“ предупреди дека бродовите поврзани со Израел, САД или Саудиска Арабија се изложени на зголемен ризик од напади и препорача избегнување на пловидба низ Црвеното Море и Аденскиот Залив.

Пазарните аналитичари оценуваат дека енергетскиот сектор сега се соочува со ризици на две клучни поморски рути, Ормускиот теснец и Баб ел-Мандеб – што дополнително ги зголемува стравувањата од ограничување на глобалното снабдување со сурова нафта.

Според пазарните податоци, три танкери натоварени со саудиска сурова нафта, наменета за Кина и Индија, вчера ја смениле својата рута во Црвеното Море и се упатиле кон Суецкиот Канал, наместо да продолжат покрај брегот на Јемен.

Азиските рафинерии, како одговор на безбедносните ризици, бараат алтернативни маршрути за транспорт на саудиската нафта преку пристаништето Јанбу, Суецкиот Канал и околу Африка, што би можело дополнително да ги зголеми транспортните трошоци и цените на суровата нафта на светските пазари.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил