Цената на нафтата денес порасна за повеќе од 25%, достигнувајќи највисоко ниво од средината на 2022 година, поради намалувањето на производството од неколку големи производители и стравувањата од можните долготрајни прекини во транспортот на енергенси поради проширувањето на војната меѓу САД, Израел и Иран.
Фјучерсите на нафтата „Брент“ пораснаа за 24,96 долари, односно 27%, на 117,65 долари за барел, што е на пат да биде најголемиот дневен скок досега. Американската нафта „Вест Тексас интермидиет“ (WTI) поскапе за 25,72 долари или 28,3%, достигнувајќи 116,62 долари за барел.
Претходно во текот на денот, WTI достигна максимум од 119,48 долари за барел, додека „Брент“ се искачи до 119,50 долари. Уште пред денешниот скок, минатата недела „Брент“ порасна за 27 проценти, а WTI за 35,6 проценти.
Аналитичарите предупредуваат дека цените би можеле да продолжат да растат доколку не се нормализира протокот на нафта низ Ормускиот теснец и ако регионалните тензии не се намалат.
Дополнителен притисок врз пазарот создава намалувањето на производството во Ирак и Кувајт, како и претходното намалување на извозот на течен природен гас од Катар. Поради војната, испораките од Блискиот Исток се сериозно нарушени.
Според извори од индустријата, производството на нафта во јужен Ирак паднало за околу 70%, на само 1,3 милиони барели дневно, бидејќи земјата не може да извезува преку Ормускиот теснец. Во меѓувреме, Кувајт веќе почна да го намалува производството и прогласи виша сила за дел од испораките.
Цените дополнително се зголемија и по назначувањето на Моџтаба Хамнеи за нов врховен лидер на Иран, по смртта на неговиот татко Али Хамнеи, што се толкува како сигнал дека тврдокорната струја во Техеран останува на власт.
Аналитичарите предупредуваат дека дури и ако конфликтот заврши брзо, потрошувачите и компаниите ширум светот може да се соочат со недели или месеци повисоки цени на горивата, поради оштетена инфраструктура, нарушена логистика и зголемени безбедносни ризици за транспортот на енергенси.
Извор: Ројтерс
