Германскиот Бундестаг усвои закон со кој се воведува државна поддршка за изградба на нови гасни електрани, кои треба да обезбедат сигурност во снабдувањето со електрична енергија во периодите кога производството од ветерни и соларни електрани не е доволно.
Законот предвидува зголемување на максималната државна субвенција за новите капацитети од првично планираните 173.000 евра на 244.000 евра по мегават инсталирана моќност, што, според германските медиуми, би можело да ги зголеми трошоците на програмата.
Гасните електрани се дел од германската стратегија за постепено исфрлање на јагленот од производството на електрична енергија и обезбедување контролирани резервни капацитети додека се зголемува уделот на обновливите извори. Планот е овие постројки во иднина да бидат приспособени за работа со зелен водород.
Германија првично ќе организира две аукции за вкупно 11 гигавати нови резервни капацитети. Првите два тендера, закажани за 8 септември и крајот на декември годинава, ќе опфатат 9 гигавати таканаречен долгорочен резервен капацитет, при што се очекува главни кандидати да бидат гасните електрани.
Законот сè уште треба да добие одобрение од Европската комисија согласно правилата за државна помош.
Енергетските здруженија во Германија ја поздравија мерката, оценувајќи дека таа ќе придонесе за сигурноста на електроенергетскиот систем и ќе ја поддржи интеграцијата на обновливите извори.
Од друга страна, еколошките организации критикуваат дека во првите аукции нема да можат да учествуваат проекти за батериски системи за складирање на енергија и предупредуваат дека со фокусот на гасните електрани Германија ќе остане подолго зависна од увоз на фосилни горива.
Според законот, сите субвенционирани електрани мора да бидат подготвени за користење 100 проценти водород, а најдоцна до 2045 година да работат климатски неутрално.
Извор: Cleanenergywire.org
