Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оцени дека изградбата на гасните интерконектори со Грција и Србија претставува еден од најзначајните енергетски проекти за земјава, со кој Македонија во наредните години би можела да прерасне во важна транзитна точка за природен гас во регионот.
Во интервју за МТВ, Божиновска посочи дека реализацијата на интерконекторот со Грција се одвива според предвидената динамика, откако Владата повторно ја активирала постапката по претходно поништениот тендер.
„Добивме понуда која е за 12 милиони евра пониска од претходната, што значи дека тие средства ќе можат да се пренаменат за реализација на други енергетски проекти. Тендерот го доби македонска компанија, а рокот за завршување на интерконекторот е вториот квартал од 2027 година“, изјави Божиновска.
Според неа, најголемиот дел од експропријацијата за трасата долга 67 километри е веќе реализиран, а значителен дел од инфраструктурните работи се веќе започнати. Таа нагласи дека новиот гасовод е проектиран и за транспорт на водород, што, како што рече, претставува инвестиција во идните енергетски потреби.
„Станува збор за современа инфраструктура која е подготвена и за транспорт на водород. Тоа значи дека уште денес се подготвуваме за енергетските потреби на иднината“, нагласи министерката.
Божиновска оцени дека проектот има и пошироко геостратешко значење, особено во услови кога Европа бара алтернативи за снабдување со енергенси поради намалената зависност од рускиот гас. Според неа, новата врска со Грција ќе обезбеди пристап до дополнителни извори на природен гас и ќе ја зајакне улогата на Македонија во регионалниот енергетски систем.
Паралелно со тоа, институциите работат и на воспоставување гасно поврзување со Србија. На домашна територија веќе е објавен тендер за изградба на делница од 22 километри, а очекувањата се интерконекцијата да биде ставена во функција до крајот на 2027 година.
„Со министерката за енергетика на Србија разговаравме за забрзување на активностите и очекуваме до крајот на 2027 година да биде воспоставено поврзувањето. Тоа значи дека веќе во 2028 година ќе може да започне користењето на новите капацитети“, изјави Божиновска.
Министерката посочи дека капацитетот на интерконекторот со Грција ќе достигне до 2,8 милијарди кубни метри природен гас годишно, што ќе овозможи не само задоволување на домашните потреби, туку и транзит кон други земји од регионот и Централна Европа.
„Македонија ќе може да остварува приходи од транзит на природен гас, а истовремено ќе се позиционира како важен енергетски коридор за регионот и Централна Европа“, нагласи министерката.
Осврнувајќи се на состојбите со нафтените деривати, Божиновска уверува дека државата има стабилно снабдување со гориво и покрај нестабилностите на светските пазари предизвикани од случувањата на Блискиот Исток. Таа потенцираше дека најголемиот дел од горивата се обезбедуваат преку Грција и дека нема ризик од прекин во снабдувањето.
„Најважно за граѓаните е дека има сигурност и доволно гориво. Како Влада постојано ги следиме состојбите и презедовме мерки за ублажување на ценовниот притисок. Во понеделникот имаше намалување на цените за 6,5 денари, а ОКТА дополнително одобри попуст од два денари кој ќе важи од 2 до 15 јуни“, рече Божиновска.
Според неа, особено значајна улога во стабилноста на снабдувањето има продуктоводот кој беше пуштен во употреба на почетокот на годинава. До крајот на април преку него биле транспортирани 145 илјади кубни метри дизел, што претставува речиси една третина од планираниот годишен капацитет.
„Со продуктоводот ги избегнавме сите предизвици поврзани со транспортот преку граничните премини и дополнително придонесовме за заштита на животната средина“, истакна министерката.
Божиновска информираше дека државните резерви на нафтени деривати моментално обезбедуваат покриеност од околу два месеца, а согласно европските стандарди, до 2030 година земјата треба да достигне резерви за 90 дена.
Во однос на ценовните движења, министерката оцени дека не се очекуваат драматични поскапувања како во 2022 година, додавајќи дека Грција располага со повеќе алтернативни извори и рути за снабдување.
„Грција располага со алтернативни рути за снабдување од Северна Африка и други региони. Доколку таму нема проблеми со снабдувањето, нема да има ниту кај нас. Постојано сме во комуникација со грчките партнери и добиваме уверувања дека снабдувањето ќе остане стабилно“, изјави Божиновска.
Енергетика 24
